Двата разорни земјотреси кои на 6 февруари го погодија југот на Туркије влијаеа на милиони животи, и тоа не само на луѓето, туку и на животните. Домашните миленичиња кои ги загубија своите сопственици по земјотресите сега бараат нови домови.
Зоолошката градина во Газиантеп, дом за илјадници видови животни, ги рехабилитира животните, додека ветеринарите ги лекуваат мачките и кучињата спасени од урнатините на стотици срушени згради.
Ветеринарката Берна Саричичек за агенција Анадолу (АА) изјави дека изградиле теренска болница и од првиот ден работат на спасување во подрачјата погодени од земјотресите.
„Дојдовме да ја провериме нашата институција првиот ден од земјотресот и кога увидовме дека тука нема многу проблеми, погледнавме да видиме дали има проблеми во околните градови или околните региони. Дознавме дека има голем проблем во областите Ислахије и Нурдаги. На третиот ден по земјотресот отпатувавме за Мараш бидејќи таму многу луѓе ги загубија животите, каде што ги храневме и ги лекувавме сите животни“, рече таа.
Според неа, од регионот донеле 25 кучиња и 15 мачки, додека во теренската болница на лекување отишле мачки, кучиња, птици, папагали, зајаци и многу други животни. Таа истакна дека тимови сè уште работат во Нурдаги и Ислахије.
„Афету (кучето), кое го загуби семејството во Хатај, ни беше предадено од екипите на АФАД на шестиот ден од земјотресот. Спасена е од под урнатините, а веруваме дека тука била шест дена бидејќи била дехидрирана и исплашена. Но, конечно таа го врати здравјето благодарение на нашите напори“, додаде таа.
Берна Саричичек рече дека помагаат повторно да се обединат миленичињата со нивните сопственици откако ќе дознаат дека се живи и подготвени да се грижат за нив.
„Сепак, има и такви кои останаа без сопственици, а ние се трудиме да им помогнеме да си најдат нов дом. Оние кои сакаат да ги посвојат се пријавуваат кај нас, а ние ја следиме процедурата за посвојување, гостите ги пречекуваме секој ден од 14 до 16 часот, седум дена во недела“, рече таа.
Агенцијата за управување со катастрофи на земјата (АФАД) соопшти дека бројот на загинати во разорните земјотреси што ја погодија Туркије на 6 февруари се искачи на 45.089.
Земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени погодија 11 турски провинции на 6 февруари - Адана, Адијаман, Дијарбакир, Елазиг, Хатај, Газиантеп, Кахраманмараш, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа.
Повеќе од 13 милиони луѓе во Туркије беа погодени од земјотресите, како и многумина во северозападна Сирија.