Речиси сите исчезнувања на животински и растителни видови се должат на човечки активности.       Фото: Ројтерс

Во последните 50 години исчезнат е речиси 70% од целиот див животински и растителен свет иако токму на 3 март се одбележуваат пет децении од потпишувањето на Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дива фауна и флора (CITES).

Исто така годинава се одбележуваат и десет години откако Генералното собрание на Обединетите Нации го одбра токму денот на потпишување на конвенцијата за Светски ден на дивината.

Со конвенцијата се штитат околу 37.000 видови на животни и растенија. Важноста на дивината се гледа и во фактот што 50.000 диви видови ги задоволуваат потребите на милијарди ширум светот. Во моментов има еден милион видови под закана, или од нив под закана се 16.900 видови на животни.

Човечка закана и обиди за враќање на дивината

Речиси сите исчезнувања на животински и растителни видови од дивината се должат на човечки активности. Дел се однесуваат на прекумерен лов и истребување, а дел се должат на уништување на природните живеалишта поради експлоатација на ресурси или проширување на земјоделските насади, по што доаѓа до колабирање на цели еко-системи.

Годинава главна тема на одбележување на светскиот ден на дивината е „Партнерство за конзервација“ за да се истакнат напорите кои се преземаат во последните години за враќање на одредени животни назад во нивните природни живеалишта, наместо да се сретнат само во резерватите или зоолошките градини.

Бидејќи многу природни живеалишта се одамна уништени, а одредени видови ги нема во дивината повеќе од сто години, се прават напори за враќање на неколку сочувани единки во шумите и прашумите кои потоа влијаат на процесот на враќање на дивината.

Освен директното враќање на единки се користат и други методи на создавање услови кои се приближни на некогашните, особено со поплавување на тлото на шумите, враќање на предатори во еко-системот кои предизвикуваат верижна реакција и со тоа ја збогатуваат флората и помалата фауна.

TRT Balkan / агенции
Популарни