Казахстан, кој е деветти најголем извозник на нафта во светот, речиси целата испорака ја спроведува преку руска територија     Фото: Reuters

Казахстан влезе во фаза на се или ништо на дипломатијата во обидот да ја заобиколи Русија при испораките на нафтата во Европа која е гладна за енергија.

Централноазиската туркиска држава зависи од нафтата за повеќе од 50 отсто од нејзиниот извозен приход, а повеќе од две третини од тоа доаѓа од европските купувачи.

Но, тука лежи замката. Казахстан, кој е деветти најголем извозник на нафта во светот, речиси целата испорака ја спроведува преку руска територија.

Москва, соочена со меѓународни санкции поради нејзините акции во Украина, употребува различни тактики за да го спречи Нур Султан да користи алтернативи.

„Очигледен пример за рускиот притисок врз Казахстан беше забележан во јули кога судски налог од локален суд во Русија ја запре работата на конзорциумот за Касписки гасовод (КПЦ), наводно поради кршење на правилата за животна средина“, вели Икболјон Ќорабојев, вонреден професор по меѓународни односи во Универзитетот КАЗГУУ, во Нур Султан, главниот град на Казахстан.

Нафтоводот КПЦ долг 1.500 километри ја преминува руската територија пренесувајќи ја казахстанската нафта до руското црноморско пристаниште Новоросијск.

Одлуката на рускиот суд беше поништена од повисокиот суд, но низата настани, кои ги попречија казахстанските пратки, ја зголемија загриженоста дека расте јазот меѓу двете соседни земји.

Руските власти уште во март посочија дека нема да можат да управуваат со нафта од КПЦ во наредните месеци откако невреме ги оштети капацитетите за утовар на пристаништетото Новоросијск и со тоа го лишија Казахстан од главниот извор на приходи.

Москва рече дека не е во можност да увезе опрема потребна за поправка на објектите поради американските и европските економски санкции, кои го отежнаа меѓународното тргување за руските компании.

Ќорабојев смета дека одлуката на судот во Русија е политичка. Во последните месеци, надворешната политика на Казахстан не беше во согласност со Москва за прашањето за Украина.

Има уште една причина зошто Русија би сакала да го казни Казахстан, поранешната советска република и утврден сојузник на Москва.

Нур Султан од неодамна ги истражува алтернативните патишта за нафта, вклучително и можноста за транспорт на сирова нафта преку гасоводот Баку-Тбилиси-Џејхан (БТЦ), кој минува низ Туркије. Токаев на тоа укажуваше на разговорот со европратеникот Мишел.

Гасоводот БТЦ, кој минува од Азербејџан до Грузија и турскиот медитерански регион, „може да се смета како атрактивна алтернатива“ за пренесување на казахстанската нафта во Европа, вели Ќорабојев.

Казахстан зазеде неутрален став за руската офанзива врз Киев и го отфрли признавањето на проруските отцепени региони во источна Украина како независни држави.

„Постои зголемен притисок од Русија да го притисне Казахстан да се определи за позициите во Украина. Овие геополитички притисоци создаваат несакани ефекти врз надворешната трговија“, вели Ќорабојев.

Но, притисокот на Русија, според експертите не функционира.

Минатиот месец, претседателот на Казахстан одби да го прими Орденот „Александар Невски“, многу престижно одличје, кое се доделува на руските граѓани со истакнати успеси во државна служба.

Разликите меѓу Казахстан и Русија и безбедносните грижи во Црното Море ја принудија владата на Токаев да истражува алтернативи како гасоводот БТЦ за транспорт на нафтата на европските пазари.

Средба на Токаев и Путин во јуни годинава     Фото: Reuters

БТЦ како алтернатива

Користењето на БТЦ за транспорт на нафта од Казахстан и други централноазиски држави на западниот пазар не е нова идеја.

Пуштен во употреба во 2006 година, гасоводот БТЦ првенствено се користи за испорака на азербејџанска нафта.

Но, казахстанската нафта во неколку наврати беше испумпана преку гасоводот БТЦ, вели висок претставник на турското Министерство за енергетика, кој сака да остане анонимен. Казахстанската нафта што се пренесува преку нафтоводот БТЦ е барана од 2018 година кога САД повторно воведоа санкции кон Иран, изјави претставникот.

„Протокот на нафта од Казахстан во гасоводот БТЦ се зголеми за три пати помеѓу 2018 и 2021 година“, вели претставникот на Министерството за енергетика.

Казахстанската влада се потпира многу повеќе на БТЦ гасоводот оваа година со појавата на проблеми на КПЦ рутата.

„Очигледна е важноста на алтернативните рути во безбедноста на снабдувањето со енергија. Туркије отсекогаш се трудела да обезбеди сигурен транзит. КПЦ беше можеби поекономичен начин за Казахстан, но исто така ни покажува дека во некои случаи довербата е уште поважна“, вели функционерот.

Тековниот конфликт во Украина, кој го дестабилизираше енергетскиот пазар, ја зголеми привлечноста на гасоводот БТЦ, иако ќе чини повеќе и ќе биде потребно многу повеќе време за транспорт на казахстанската нафта, велат експертите.

Турски полицаец чува стража пред терминал за сирова нафта во Адана     Фото: Reuters

Европа, која до неодамна се потпираше на Русија за да ги задоволи поголемиот дел од потребите за нафта и гас, има поголема веројатност да ја зголеми зависноста од Казахстан, вели Отабек Омонкулов, узбекистански професор, кој е експерт за политика во Централна Азија.

Во моментов казахстанската нафта сочинува приближно 6 отсто од потрошувачката на енергија во ЕУ.

Од друга страна, зголемените проблеми на Казахстан со нејзиниот долгогодишен сојузник Русија, исто така, ја натераа поранешната советска република да најде добра замена за КПЦ под влијание и контрола од Москва.

Некои од руските изјави, вклучително и говорот на Владимир Путин во 2014 година, кој се чинеше дека го доведува во прашање територијалниот интегритет на Казахстан, предизвикаа загриженост кај Нур Султан, нагласувајќи ја потребата од изнаоѓање алтернативни начини за продажба на највредниот ресурс во извозот, вели Омонкулов.

Есреф Јалинкиликли, политички аналитичар за Евроазија со седиште во Москва, вели дека меѓу казахстанското раководство постои непријатност поради оспорувањето на територијалниот интегритет на Казахстан од страна на Русија.

„Постои се поизразено чувство меѓу казахстанските елити дека државата треба да ја намали својата зависност од Русија во различни области, а уште повеќе во транспортот на нафта“, изјави Јалинкиликли.

Омонкулов, исто така, верува дека барањето алтернативни рути како БТЦ е сфатено многу сериозно од владата на Казахстан бидејќи азербејџанско-турската рута „им дава голема надеж за извоз на нивната нафта“ без руска помош. БТЦ има помал капацитет од КПЦ, но руската контрола ја зголемува нервозата во Казахстан“, вели тој.

„Гасоводот БТЦ одговара на официјално декларираната политика на Казахстан за развој на алтернативни рути за извоз на нафта. Тоа ќе се вклопи и во општиот тренд на заживување на економските и трговските врски меѓу турските земји“, вели Ќорабоев.

Руска перспектива

Случувањата околу БТЦ ги вознемируваат Русите кои се обидоа да извршат притисок врз Нур Султан да избегне каква било друга транспортна рута на казахстанската нафта. Но, се чини дека обидите на Москва дадоа контраефект бидејќи Казахстан има за цел да го користи БТЦ уште повеќе.

Јалинкиликли предвидува можна руска реакција поради казахстанската употреба на БТЦ.

„Додека западните држави вршат голем притисок врз извозот на руска нафта и гас, Москва нема да дозволи руската енергетска дипломатија да биде уништена од Казахстан“, вели Јалинкиликли.

Средба на члениците приморските држави на Каспиското Море во јуни годинава     Фото: Reuters

Омонкулов, исто така, верува дека ако употребата на БТЦ од страна на Казахстан не биде внимателно координирана со Русите, Москва може да употреби различни средства за да ја спречи употребата на гасоводот од страна на Нур Султан.

Додека пет земји околу Каспиското Море постигнаа значаен договор во 2018 година за границите на територијалните води и споделувањето на нивните природни ресурси, нерешените прашања во врска со поморските права може потенцијално да ги загрозат напорите на Казахстан за користење на БТЦ, смета Јалинкиликли.

Казахстанската нафта се транспортира со танкери преку Каспиското Море пред да биде испумпана во гасоводот БТЦ во пристаништето во близина на Баку главниот град на Азербејџан.

Русија, која има значително влијание во касписките поморски работи, би можела да се спротивстави на патувањето на казахстанските танкери во морето доколку тензиите меѓу Москва и Нур Султан ескалираат, оценуваат експертите.

Мурат Софуоглу

Турскиот полицаец чува стража со поглед на танкер закотвен од капијата на терминалот за сурова нафта Џејхан во близина на турскиот медитерански крајбрежен град Адана. Нафтоводот за сурова нафта Баку-Тблиси-Џејхан носи нафта од Каспиското Море до европските пазари преку Турција.

TRT World
Популарни