Актуелниот српски претседател Александар Вучиќ на 3 април 2022 година успеа да освои речиси 60 отсто од гласовите на претседателските избори. Останувањето на власт уште пет години знбачи дека тој мора да се справи со горливите прашања во регионот.
Вучиќ е некогашен член на ултранационалистичката радикална партија. Во 2008 година ја основа Српската напредна партија (СНС), конзервативна и проевропска партија. Потоа, Вучиќ, чекор по чекор, се искачуваше по скалилата на власта. Тој беше на функциите министер за одбрана, вицепремиер, премиер па се до претседател на Србија.
Ја зацврсти својата победа на почетокот на априлското пребројување на гласовите со освојување два милиони гласови од 6,5 милиони регистрирани граѓани со право на глас во Србија.
Лидер или „недостиг на нешто подобро“?
По прогласувањето на изборната победа, Вучиќ им се заблагодари на своите гласачи што го направија: „Србинот (по Никола Пашиќ) кој најдолго е на власт во Србија.“
Но, што се крие зад неговиот успех?
Говорејќи за ТРТ Ворлд, Вук Вуксановиќ, виш истражувач во белградскиот Центар за безбедносна политика, го објасни успехот на Вучиќ нагласувајќи два главни фактори.
„Прво, тој е застрашувачка личност, а неговата партија има огромно и добро мобилизирано влијание врз медиумите, државните институции и во поставеноста на националната безбедност. Второ, изнемоштеноста на опозицијата која не понуди подобра алтернатива“, вели Вуксановиќ.
Според него, многу Срби се вознемирени од економската и политичката транзиција по Милошевиќ.
„Некои ја сметаат опозицијата како дел од тоа разочарување. Резултатот е тактичко гласање, што значи дека луѓето не гласаа за Вучиќ затоа што им се допаѓа, туку затоа што, од нивна перспектива, тој го претставува помалото зло“, смета тој.
Москва визави Брисел
Рускиот напад врз Украина значително влијаеше на изборната кампања. Вучиќ го искористи овој факт во своја корист. Неговиот главен слоган беше направен соодветно.
Со „Мир и стабилност“, тој вети економски раст и развој на инфраструктурата.
Тој ја повтори неговата желба земјата да не биде втурната во конфликтот. Од друга страна, неговиот противник Здравко Понош го обвини за градење единство со „страв од војна... злоупотреба на настаните во Украина“.
Како што нагласува Вуксановиќ, Вучиќ имал корист од конфликтот. Сликата на искусен политичар кој би можел да ја води проблематичната земја во овие мрачни времиња ја засени опозицијата.
Во ист тон како и неговиот слоган, во изборната ноќ, Вучиќ ја истакна важноста да се има добри односи во регионот и да се следи европскиот пат, заедно со зачувувањето на „врските со неговите традиционални пријатели“.
„Србија поддржа две резолуции на Обединетите нации кои го осудуваат рускиот воен напад. Но, Белград сè уште одбива да биде дел од санкциите наметнати на Москва“, вели Вуксановиќ.
Тој оценува дека Белгард продолжува по својот европски пат, но „Србија нема да брза во непријателство затоа што тоа го бара некој друг“.
Во изјава за ТРТ Ворлд, Срѓан Мајсторовиќ, претседател на Одборот на Центарот за европска политика (ЦЕП) и член на Советодавната група за политики на Балканот во Европа (БИЕПАГ), објасни дека овие избори ќе имаат важно влијание врз односите на Србија со ЕУ.
Земјата ги започна пристапните преговори во 2014 година, сепак, прашањата како демократијата и проблематичните односи со соседите го доведоа процесот во застој. Со неодлучниот пристап на Белград кон Украина, неговиот процес во ЕУ повторно е доведен во прашање.
Веднаш по изборите, Вучиќ истакна дека Србија ќе продолжи по истиот пат; односно политиката на воена неутралност и држејќи се настрана од каков било воен сојуз.
На овие избори, за првпат од 1999 година, на Србите од Косово не им беше дозволено да имаат отворени избирачки места.
Косовската Влада одлучи да не им дозволи на своите граѓани да гласаат на изборите на нејзините соседи. Без отворени избирачки места, илјадници косовски Срби ја преминаа границата со своите автомобили и автобуси за да гласаат во Србија.
Мајсторовиќ вели дека оваа ситуација ќе има долгорочни последици. Националистичките наративи на двете страни ќе се зголемат, а овие избори ќе го засенат тонот и атмосферата на идните разговори.
Српската напредна партија (СНС) на Вучиќ победи на парламентарните избори спроведени истиот ден. СНС освои 43,5 проценти од гласовите, а потоа следуваат „Обединети за победа на Србија“ со 12,9 отсто, а Социјалистичката партија на Србија, која е коалициски партнер на СНС, освои 11,6 отсто. „Морамо“ доби 4,4 отсто, а прагот го поминаа и десничарските НАДА, „Заветници“ и Двери.
Сегашната слика прикажува придвижување надесно, што може да создаде сериозен проблем за политиката на Вучиќ за ЕУ. Партијата на претседателот го немаше потребното мнозинство за формирање Влада и ќе има потреба од партнери: веројатно СПС или десничарските партии. Од друга страна, „Морамо“ за првпат влезе во Собранието. Нивната зелена агенда им помогна на луѓето да се мобилизираат и да протестираат против експлоатацијата на природните минерали минатата година.
Мајсторовиќ сугерира дека формирањето на новата Влада ќе трае до крајот на летото. На овој начин, Вучиќ ќе може да купи време, да го опипа пулсот на јавноста, да ги надгледува внатрешните и надворешните фактори и да избегне да напаѓачки став за руско-украинската криза.
Вуксановиќ истакнува дека улогата на Вучиќ зависи од компромисите на регионално ниво. Ако се сфати како балансер за регионот, веројатно ќе ја прифати оваа улога. Меѓутоа, ако има шанса да добие рејтинг дома, тој ќе ја користи картата на националистите.
Како претседател на единствената балканска земја што не воведува санкции кон Русија, Вучиќ ќе мора да балансира со смирувањето на „Мајка Русија“ и угодувањето на Брисел. Овој пристап ќе влијае на внатрешната политика на Вучиќ и на деликатната рамнотежа на силите во регионот.