Речиси петнаесет години откако по него беше распишана меѓународна потерница, дваесетина обвиненија, живот во азил, затворен и соочен со доживотен затвор па дури и смртна казна во САД, Џулијан Асанж конечно дочека правда.
Можеби „правда“ е претежок збор, Резолуцијата, која пред неколку дена ја усвои Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), со која се признава дека основачот на Викиликс бил „политички затвореник“ во Велика Британија, е повеќе морална сатисфакција за Асанж отколку правда.
Парламентарците изразија длабока загриженост за „несразмерно грубиот третман“ со кој се соочил Џулијан Асанж и истакнаа дека тоа имало „опасен застрашувачки ефект“ што ја поткопува заштитата на новинарите и свиркачите ширум светот.
Ставот на Собранието е дека третманот на Асанж го гарантира неговото назначување како „политички затвореник“, според дефиницијата што ПССЕ ја прифати во 2012 година, наведувајќи ги тешките обвиненија кои против него ги поднесоа Соединетите Американски Држави, изложувајќи го на можна доживотна затворска казна, во комбинација со неговото осудување според Законот за шпионажа на САД „за она што во суштина беше собирање вести и објавување“.
Собранието исто така ги повика САД да ги истражат наводните воени злосторства и кршење на човековите права откриени од Асанж и од Викиликс.
Според ПССЕ, нејзиниот неуспех да го стори тоа, во комбинација со грубиот третман на Асанж и Челзи Менинг, поранешен американски војник и свиркач, која беше осудена бидејќи му одала информации кои беа објавени на Викиликс, создава перцепција дека целта на американската влада во гонењето на Асанж била да ги скрие злоделата на државните агенти, а не да се заштити националната сигурност.
Разолуцијата на ПССЕ секако е за пофалба, како од новинарите, така и од јавноста која има најголема корист од слободното новинарство, но новинарската фела треба да се загрижи зошто истата не е донесена едногласно.
Парламентарното Собрание го сочинуваат претставници од 46 држави членки на Советот на Европа, од кои 88 ја поддржаа Резолуцијата, 13 беа против, а 20 останаа воздржани. Ако е јасно дека дел од британските парламентарци не ја поддржаа одлуката, слично како и нивните колеги од Шведска, која во 2010 година распиша потерница против Асанж за сексуален напад и подоцна се откажа од гонење, нејасна е позадината на гласањето на останатите пратеници кои не застанаа зад Асанж.
Тоа укажува дека во највисоките европски институции сѐ уште со недовреба се гледа на новинарите и покрај тоа што Членовите на Европскиот парламент во февруари годинава усвоија директива со која ги заштитуваат новинарите, активистите и академиците и нивните организации од судски процеси насочени кон ограничување на слободата на говорот, т.н. СЛАПП тужби (Strategic Lawsuit Against Public Participation).
Европскиот парламент со 546 гласа „за“, 47 „против“ и 31 воздржан, ја усвои новата Директива за да се осигура дека поединци и организации кои работат на прашања од јавен интерес- основните права, обвинувањата за корупција, заштитата на демократијата или борбата против дезинформациите, добиваат заштита на ЕУ од неосновани и вознемирувачки тужби.
Сепак, додека новинарите во Европа можат да кажат дека колку толку се заштитени, барем на хартија, нивните колеги во Газа и на Западниот Брег, а од неодамна и во Либан, не се цел на тужби туку на куршуми и бомби, и кои цената на вистината ја плаќаат со сопствената крв.
Палестинката Вафа Алудаини е убиена на 31 септември во израелскиот воздушен напад врз Појасот Газа, со што вкупниот број на загинати новинари се искачи на 174 од 7 октомври минатата година.
Владината Канцеларија за медиуми наведе дека Алудаини соработувала со неколку странски медиуми, при што ја повикувала меѓународната заедница да побара одговорност од израелската Влада за нејзините „злосторства против новинарите“.
Ако меѓународната заедница остана глува на апелите на Алудаини, Асанж доби можност пред ПССЕ за прв пат да се обрати на јавноста по неговото ослободување од затворот во Британија.
Основачот на Викиликс изјави дека е ослободен од затвор затоа што се изјаснил за виновен за новинарство, а не затоа што функционирал правниот систем.
Тој им рече на европските парламентарци дека било неопходно да ја признае вината по обвиненијата за шпионажа на САД, бидејќи правните и политичките напори за заштита на неговата слобода се покажало дека не биле доволни.
„На крајот, ја избрав слободата наместо неостварливата правда. Денес сум на слобода по години во затвор бидејќи се изјаснив за виновен за новинарството“.
Автор: Игор Шегавиќ