Тунис, соочен со економска и климатска криза ги инспирираше жените да се здружат формирајќи задруги и мали бизниси за одржлива егзистенција.
Хајет Табуи додека студирала археологија, нејзината баба пред секој испит ја носела во маслиновата градина стара 2.500 години за да и даде благослов. Таа не верувала во тие чудни, народни традиции, но тој гест засекогаш ја поврзал со древните и диви дрвја на националниот парк Ел Феја, во северозападниот дел на Тунис, неколку километри од алжирската граница.
Во 2012 година, една година по револуцијата во Тунис, Хајет и група други жени одлучија да го формираат здружението Сиди бу Зитун - кое го добива името според дивата маслинка. Здружението се бори за заштита на античките дрвја на Националниот парк Ел Феја и за заработка од природниот туризам.
„Видовме дека дрвјата стари илјада години не се заштитени на соодветен начин и дека ги губиме нашите традиционални семиња. Мислевме дека со заштита на локалните семиња може да создадеме можности за работни места за локалната заедница“, раскажува таа галејќи ги лисјата од маслиновото дрво.
Во последните девет години, здружението предводено од жени создаде нови начини на земјоделство кои придонесуваат за зачувување на биолошката разновидност и зајакнување на отпорноста кон климатските промени врз принципи како: агроекологија, градини насадени од заедницата, лековити растенија и обнова на локалните сорти.
Како што се нагласува во новиот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени, ефектите од климатската криза - суши, пожари, поплави - ќе се зголемат насекаде низ светот во следните децении.
Температурите се зголемуваат побрзо отколку што се очекуваше: целите поставени во Париз за да се ограничи просечното зголемување на глобалната температура до 1,5 степени Целзиусови се доведени до ризик да бидат нарушени, ако не се дејствува наскоро.
Како и многу земји во медитеранскиот регион, Тунис исто така е ранлив на климатски кризи и временски шокови, како што се зголемување на температурите и неправилни нивоа на врнежи, заедно со потенцијалната зголемена фреквенција на екстремни временски настани. Ова лето, земјата забележа просечно зголемување на сезонската температура од 8 до 15 степени во зависност од регионот, информира Националниот институт за метеорологија. Десетици пожари исто така избија во земјата.
Последиците од зголемувањето на температурите врз земјоделството се катастрофални, но генетските ресурси на семињата можат да играат витална улога во создавањето отпорност од климатските промени. Со векови, земјоделците со ограничени ресурси паметно ја користат генетската разновидност за да развијат сорти прилагодени на влијанијата на животната средина.
За жените како Хајет Табуи, одгледувањето на биолошка разновидност е клучно за одржлив земјоделски систем, производство на здрава храна и истовремено приход за семејствата кои егзистираат од дејноста.
„Ние не купуваме хибридни семиња, ние ја натеравме заедницата во градината да сади и да ги чува древните локални семиња што се прилагодуваат на климатските услови од година во година“, вели Хајет.
Повеќе од 150 жители од регионот, главно жени и млади, беа вклучени во овој проект за генерирање приходи врз основа на заштита на животната средина, еко-туризам и комерцијализацијата на локалните производи.
Регионот Jендуба, еден од најмаргинализираните во земјата, има стапка на сиромаштија од 21,5%. Во оддалечените области како што е регионот Гардимау на границата со Алжир, природните ресурси на планините честопати се единствениот извор за вработување на жителите.
Преселувајќи се од Јендуба во Сиди Бузид, уште една жена се бори да ги зачува и повторно да ги употребува локалните семиња.
По неколку години работа во фабрика за увоз на семенски материјал, Фатиха Мосбати одлучува да се врати во своето родно село Сук Џдид, за да започне проект за органска стаклена градина. Преку градината таа се обидува да ги врати локалните семиња на маслинови дрвја, винова лоза и други видови и да ги дистрибуира до земјоделците во регионот Сиди Бузид.
Секое утро Фатиха шета меѓу нејзините садници и внимателно ги проверува.
„Кога работите за пазарот, целта е квантитетот, а не квалитетот. Сега сум една од оние кои се обидуваат да се вратат назад и да инвестираат во органско земјоделство, иако изгледа дека е тешко да се ослободиме од употреба на хемикалии“, објаснува Фатиха.
Хабиб Ајеб, вонреден професор по географија на Универзитетот во Париз и основач на невладината организација „Опсерваторија за суверенитет на храна и животна средина“, потврдува дека обновувањето на локалните семиња може да биде макотрпно „бидејќи почвите се прилагодени на хибридните семиња одгледувани со пестициди и ѓубрива“.
Во последните четириесет години, голем број фармери ги напуштија традиционалните и локалните сорти купувајќи увезени хибридни семиња, како последица на децениските политики што го насочија развојот на Тунис кон монокултурни земјоделски системи, компании ориентирани кон извоз и приходи од рента на земјоделското земјиште.
Според Лејла Риахи, активист, истражувач и член на работната група за суверенитет на храната во Тунис, тоа е модел на развој кој создаде социјални, економски и еколошки последици и поделби.
„Овие политики ги осиромашија локалните земјоделци и им помогнаа на инвеститорите во агро-бизнисот и странските увозници на семе. Целиот систем го фаворизира извозното земјоделство и го стави суверенитетот на храната во втор план“, вели Риахи.
Покрај климатската криза што брзо се влошува, Тунис се соочува и со разорна економска криза. Според податоците на Државниот завод за статистика, невработеноста кај младите изнесува 40,8 проценти. Овие економски и одржливи иницијативи би можеле да понудат решение за невработеноста кај младите и масовниот егзодус на илјадници млади Тунижани.
Токму таа помисла ја имала 25 годишната Амира бен Абиди кога ги завршила студиите за дизајн.
„Живеам во место со многу богата култура и традиција. Решив да го искористам нашето древно семејно знаење и да живеам од тоа“, посочува Амира.
Амира работи со нејзината мајка во традиционална куќа во областа Бекалта, станбена област недалеку од крајбрежниот град Махдија, само 140 километри од италијанскиот остров Лампедуза.
Секоја година стотици млади Тунижани го преминуваат Медитеранот, но Амира одлучила да остане. Во 2017 година, таа отвори мало претпријатие: го претвори дворот во ателје каде што произведува предмети од сушени и рачно изработени лисја од палма, како што се торби, корпи или украси за домот, а потоа ги продава на интернет, локални пазари и во Цитес Канавита, колективен и продажен простор за социјални претприемачи во Махдија.
„Овој проект не е само еколошки, туку може да понуди работа за многу млади невработени луѓе и во исто време да ја спаси трговијата од изумирање“, смета Амира.
„Ваквите задруги и здруженија можат да бидат алтернатива за жените и младите луѓе кои биле маргинализирани од неолибералната политика спроведена во Тунис. Тие играат значајна улога во подобрувањето на егзистенцијата на руралните заедници и исто така претставуваат одговор на климатската криза“, тврди Алесија Тиболо, регионален претставник на невладината организација „Коспе“, која веќе десет години е посветена на полето на социјалната и солидарна економија.
Во јуни 2020 година, тунискиот парламент го усвои предлог-законот за социјална и солидарна економија за да се промовира економска и социјална вклученост на маргинализираното население, вклучително и жени и млади, со тоа што ќе ги охрабри да се здружуваат во задруги, заеднички организации или групи за самопомош.
Но, законот сам по себе не е доволен за решавање на длабоко вкоренетите проблеми. Социјалните и еколошките права сè уште се во центарот на барањата на туниското граѓанско општество десет години по револуцијата во 2011 година. Во 2021 година, избија повеќе протести како одговор на влошените услови за живот, сиромаштијата, политичката корупција и ендемичната невработеност, особено кај младите.
„Државата не прави доволно за нас младите луѓе. Оние што остануваат се принудени да ја „измислат“ својата професија, но ние се обидуваме да ја земеме иднината во наши раце", вели Амира.
*Ставовите изразени во овој текст му припаѓат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан.