ЕУ блокот троши речиси 70 милијарди евра годишно за заштита на животната средина од кои најголем дел се инвестирани во системи за прочистување на отпадни води.
Според податоците на Евростат за 2022 година, 27 земји членки на Европската Унија инвестирале 69 милијарди евра во заштита на природата. Европската комисија наложи задолжително собирање податоци на ниво на блокот кое почна токму од минатата година.
Целта е статистички преглед на инвестициите во животната средина на годишно ниво, за подобро исполнување на целите од Европскиот зелен договор од кој произлезе и регулативата за обнова на природните живелишта и биолошкиот диверзитет. Европските земји до 2050 година ќе треба да обноват 90% од природата.
Најмногу се инвестира во пречистителни станици
Официјалните статистики покажуваат дека најголем дел од инвестициите во заштита на природата биле наменети за пречистителни станици и третирање на отпадните води. За оваа ставка се издвоени 31 милијарди евра или околу 44% од севкупните средства за заштита на природата.
За управување со отпад биле инвестирани 17 милијарди евра, додека за климатски промени и чист воздух биле издвоени 7 милијарди евра.
Исто така доста пари се вложуваат во спречување радијација и истражување и развој за заштита на животната средина, обезбедување на надземни и подземни води, заштита на биодиверзитетот и природните пејсажи, како и во намалување на бучавата и вибрациите.
Најголем дел од инвестициите, околу 44 милијарди евра, ги реализирале приватни компании кои се специјализирани за услуги за заштита на животната средина, во делот на управување со отпад и процесирање на отпадни води, како и компании кои набавиле опрема за намалување на загадувањето на воздухот кое го испуштаат при нивната работа.
Останатите инвестиции се спроведени од државните институции, граѓаните и невладиниот сектор и изнесуваат околу 25 милијарди евра.
Во однос на вкупните инвестиции за 2022 година, инвестициите во заштита на животната средина изнесуваат 2.5% од бруто износот на инвестиции на ниво на ЕУ.