Радикалните промени на Илон Маск, од барање вработените да одберат помеѓу „екстремен хардкор ангажман“ или губење на работното место, па се до наредби до инженерите да долетаат за состаноци лице в лице, предизвикаа стотици вработени на Твитер да ја напуштат компанијата.
Според некои проценки до крајот на ултиматумот околу 1.200 постојано вработени дале откази, што следи по масовните отпуштања со кои беше преполовена работната сила од околу 7.500 вработени.
Ел Габриел, кој пред 13 години дошол во Твитер како безбедносен аналитичар, и се до неодамна работел како постар безбедносен инженер ги открива причините кои довеле до одлуката да ја напушти компанијата.
„Во последните 7,5 години предводев тим на исклучително талентирани инженери. Работевме на многу микро и макро проекти за севкупниот безбедносен ризик на софтверот, решавајќи ги пропустите и безбедносните напади“, вели Габриел.
Со неговото искуство Габриел бил задолжен за процесот на регрутирање нови членови на тимот.
„Кога вработувавме нови луѓе наша цел беше да ги ангажираме најдобрите кои ќе ни помогнат да го изградиме Твитер. Но, откако Илон се приклучи тој менталитет се промени значително“, вели тој.
„Во мојот сектор си заминаа многу луѓе и одеднаш од екипи кои работеа на откривање безбедносни пропусти и екипи кои работеа на нивно решавање се сведовме на мала група која мора да ги работи и двете. Наеднаш моравме да кратиме на процедури и луѓето почнаа да си заминуваат“.
„Потоа, поискусните инженери повеќе не беа вклучени во процесот на регрутирање, па така примавме нови вработени со ограничено искуство и знаење, некогаш само со штотуку завршен онлајн курс“, тврди Габриел.
Неговата одлука да замине се совпадна со викенд егзодусот проследен со „предај го оружјето (лаптопот и легитимацијата) објави на Твитер каде вработените се збогуваа под хаштагот #lovewhereyouworked.
Многу вработени кои се збогуваа рекоа дека биле дел од платформата повеќе од осум години, за што критичарите истакнуваат дека ќе предизвика голем јаз во човечките ресурси на Твитер со одливот на значаен кадар.
Но, викендот заврши, и на почетокот на новата работна недела Твитер повторно работеше како и досега, без видливи проблеми.
Сепак, масовното намалување на бројот на вработени, особено тие со долгогодишно искуство на платформата, создавa љубопитност или во најмала рака загриженост каква иднина ја очекува „сината птица“.
Вонредните вести се твитаат, не се објавуваат
Шон Гарднер е влијателен на социјалните медиуми и дигитален маркетар со дведецениско искуство, од Мајспејс и Блекпланет во раните 2000-ти до Фејсбук и Линкедин денес.
Работејќи со мултинационални корпорации ширум светот, Гарднер го има посведочено подемот и падот на платформите на социјалните мрежи со текот на годините, а од неодамна внимателно ги следи и вестите за Твитер.
„Низ годините, Твитер стана важна алатка за дигитална дипломатија меѓу земјите и политичарите, за еволуција на филантропијата на виртуелниот и реалниот свет и за добивање вести, како и информации од конференции и настани“, вели Гарденер.
„Ова не значи дека ќе се промени. Но, да верувам дека ќе има промени“, вели тој за платформата.
„Една од тие промени ќе биде од „речиси дневните, потпалувачки наслови“ кои не изгледаат добро за огласувачите на Твитер и отвораат простор за ривали како Инстаграм и Мастодон да станат посилни“, предупредува Гарднер.
Пости една изрека „вонредните вести се твитаат, не се објавуваат“, но тоа сега е драстично променето бидејќи главните вести за технологијата се однесуваат на самиот Твитер“, додава Гарднер.
Поранешниот безбедносен инженер Ел Габриел се согласува, велејќи дека најголемите предизвици со кои Твитер ќе се соочи се задржување на корисниците како и огласувачите во непосредниот период што следува.
„Ако помалку инженери стојат на располагање за решавање на проблемите, баговите и безбедносните пробиви, корисниците нема да се задржат долго и ќе биде многу тешко и скапо да се вратат повторно“, смета Габриел.
„Без доверба во вебсајтот корисниците ќе престанат да го посетуваат. Понатамошното загрозување на финансиската состојба на Твитер ќе доведе сомнежи кај огласувачите дека промоциите кои ги плаќаат ќе стигнат до посакуваната публика“, додава Габриел.
Мет Навара, технолошки аналитичар со 15 годишно искуство, исто така се согласува дека непосреден проблем со кој се соочува платформата се приходите.
„Огласувачите се повеќе не се наклонети да трошат пари на платформата поради загриженост за сигурноста на брендот“, вели Навара.
„Оваа промена брзо ќе ја промени содржината која корисниците ќе ја добиваат како што ќе се менува видот на огласувачите“.
Сепак, Лина Дуке стратег за социјални мрежи кој помогнала на десетици директори и академици да ја користат платформата на стратешки начин за засилување на нивниот бренд, смета дека оваа форма на негативен публицитет може да му биде од полза на Твитер.
„Мислам Твитер универзумот многу стравуваше од тоа што Илон Маск може следно да твитне или направи, и тоа го обнови интересот на корисниците на Твитер за платформата“, вели Дуке.
Според Маск, Твитер достигна највисок степен на користење од пред неколку дена кога иронично се ширеше хаштагот #RIPTwitter.
„Многу луѓе се збогуваа и ги напишаа наводно нивните последни твитови таа вечер, но повторно сме тука. Значи, иднината на Твитер е сè уште непредвидлива“, вели Дуке. „Твитер се развиваше со текот на годините, така што се очекува да продолжи да се менува како што се менува заедницата“.
Попуштање под притисокот на корисниците
За само три недели во кои е сопственик, Илон Маск успеа да најде повеќе начини како да предизвика хаос на Твитер. Почнувајќи од забрана за работа од дома на вработените, па се до отпуштање на сите директори, Маск ја презеде платформата на воинствен начин.
Неговата мисија е да ги елиминира спам и бот профилите, да ги објави јавно алгоритмите за приказ на содржини и да не дозволи платформата да стане ехо комора за ширење омраза и поделби.
Тој е застапник на слободниот говор, но истовремено инсистира дека уредувањето на содржините останува главен приоритет на Твитер и дека ќе формира совет кој ќе биде задолжен со таа обврска.
Сепак, со помал број на достапни инженери, дури и многу помали проблеми може да станат огромни предизвици. Неговите промени веројатно ќе водат кон „побавен одговор на технички проблеми“ како и „зголемување на багови и пропусти“, предупредува Навара.
„И секако, се зголемува ризикот од самата употреба на корисници поради глобални настани како Светското првенство во фудбал“, вели Навара.
Навара, која беше советник за дигитална комуникација на владата на Велика Британија и моментално фриленс консултант, вели дека зголемената употреба може да го „изгаси“ Твитер.
Габриел ја потврдува загриженоста, предупредувајќи „Твитер е комплексен софтвер кој бара постојано одржување“.
„Не можам да почнам да објаснувам како на делови од софтверот напишани пред години сè уште им требаат постојани закрпи за да се поправат пробивите. Тоа е нешто што многу луѓе не го разбираат“, вели Габриел. „Особено кога имате интеграции со други апликации, како што е најавувањето на „Г-маил“ (Gmail), каде постојано има нови ажурирања кои треба да ги интегрираме.
Габриел вели дека покрај значајните настани како Светското првенство кои предизвикуваат нагли скокови во сообраќајот и дополнително ја оптоваруваат неговата инфраструктура, Твитер, исто така, може да се соочи со потешкотии да се справи со физичката безбедност на своите центри за податоци и барањата од странските влади за отстранување на информации.
„И ова дополнително може да се влоши ако тоа што го кажува Илон дека употребата на Твитер достигнува највисоко ниво на сите времиња е вистина“, вели Габриел.
Значи, што можете вие, како корисник на Твитер, да направите?
Не вложувајте „се или ништо“
Ако корисниците останат на Твитер, тоа што досега го знаеја и очекуваа од платформата ќе биде сосема различно од тоа што следува, предупредува Навара.
„Мислам дека Твитер 1.0, оригиналниот Твитер каков што го знаевме е прилично мртов, и сега ќе поминеме низ една хаотична фаза на Илон Маск кој ќе го испорача Твитер 2.0, без оглед каков и да биде тој“, вели Навара.
Дуке смета дека иако Твитер и натаму е вредна алатка за комуницирање, сепак не треба да се вложува „се или ништо“ во само една социјална мрежа. Исто како и за инвестирањето, така и за апликациите, треба да се вложува во различни места.
Дуке вели додека „Твитер е сè уште вредна алатка за мрежно поврзување... не ги ставајте сите ваши јајца на социјалните мрежи во една корпа. Диверзифицирајте ги вашите напори за социјалните медиуми на начинот на кој би ги вложиле вашите инвестиции“.
„Изградете добро осмислен профил на социјалните медиуми на најмалку три платформи, па ако една пропадне ќе имате пристојно присуство на други две мрежи каде ќе може да комуницирате со вашата заедница“, заклучува таа.