Дубаи беше најдоброто место за неутрална платформа, вели основачот на Телеграм, Дуров / Photo: AA

Апликацијата за пораки Телеграм, една од најпопуларните социјални платформи, ќе надмине милијарда месечни активни корисници во рок од една година бидејќи се шири како „шумски пожар“, изјави недоамна милијардерот Павел Дуров, основач на Телеграм.

Телеграм, со седиште во Дубаи, ја основаше Русинот кој ја напушти својата земја во 2014 година, откако ги одби барањата за затворање на опозициските групи на социјалната мрежа ВК која ја продаде.

„Најверојатно ќе надминеме една милијарда корисници во рок од една година. Телеграм се шири како шумски пожар“, му рече Дуров на американскиот новинар Такер Карлсон, кој го објави видеото на X.

Форбс проценува дека Дуров собрал богатство вредно 15,5 милијарди американски долари. Дуров признава дека некои влади се обиделе да извршат притисок врз него, но тврди дека апликацијата, која сега има околу 900 милиони активни корисници, треба да остане „неутрална“, а не „некој играч во геополитиката“.

Еден од неговите главни ривали, ВатсАп на Мета, има повеќе од две милијарди активни корисници. Фајненшл тајмс во март напиша дека Телеграм, откако компанијата ќе постигне профитабилност, најверојатно ќе биде котирана на американската берза.

Телеграм, која е особено присутна во републиките на поранешниот Советски Сојуз, е една од најважните социјални мрежи по Фејсбук, Јутјуб, Инстаграм, ТикТок и Вечат.

Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во 2022 година, Телеграм стана главен извор на нецензурирана, а понекогаш и експлицитна и погрешна содржина од двете страни за војната и политиката поврзана со тој конфликт.

Дуров дојде до идеја за шифрирана апликација за пораки како начин за комуникација додека бил под притисок во Русија. Енкрипцијата ја дизајнираше неговиот помлад брат Николај.

Тој ја напушти Русија затоа што не сакаше да прима наредби од ниту една влада и ги отфрла тврдењата дека Русија го контролира Телеграм. Тоа, рече Дуров, се лаги што ги шири конкуренцијата.

Во разговор со Карлсон, тој рече дека по заминувањето од Русија, својот нов дом го побарал во Берлин, Лондон, а потоа во Сингапур и Сан Франциско, но дека бирократијата таму, особено кога станува збор за потрагата по таленти низ светот, била премногу заморна и напорна.

Но уште полошо, продолжи тој, ФБИ беше заинтересиран за него, а американските агенции сакаа да регрутираат еден од неговите инженери за да открие „задна врата“ во платформата, со цел да ги следи комуникациите меѓу корисниците.

ФБИ не одговори на барањето за коментар.

Што се однесува до слободата на говорот, Дуров тврди дека најголемите предизвици не се владите, туку големите конкуренти како Епл и Гугл на Алфабет.

„Тие две платформи можат да цензурираат сè што ќе прочитате, можат да пристапат до вашиот паметен телефон“, рече Дуров, додавајќи дека на Телеграм му рекле дека ако не се усогласи со нивните упатства, ќе го отстранат од нивните продавници.

Затоа, рече Дуров, се одлучив за „неутрална земја“ која сака да биде пријател на сите и не е поврзана со ниту една од велесилите. „Тоа беше најдоброто место за неутрална платформа“, рече Дуров.

Дуров, освен пари или Биткоин, не поседува ниту еден голем недвижен имот, како што се огромни имоти, авиони или јахти бидејќи, како што рече, „сака да биде слободен“.

TRT Balkan / агенции
Популарни