Помеѓу март и крајот на април секоја година, нешто сосема магично се случува во градот Хиџази Таиф во западна Саудиска Арабија. Овој умерен планински регион, кој се наоѓа југоисточно од Мека, доживува целосен расцут.
За два месеци, 900 фарми со рози се преплавени со милиони интензивно мирисни силно-розови рози од видот rosa damascena trigintipetala, од кои секоја има по 30 ливчиња.
Повеќето од овие рози ќе бидат собрани за да се произведе најпосакуваното и најскапото масло од рози во светот, како и огромен број производи од розова вода. На глобално ниво, овие рози станаа толку познати што нивниот назив е розата Таиф.
Непосредно надвор од Таиф во градот Ал-Хада, на планината Ал-Хада на околу 2.000 метри надморска височина, се наоѓаат фарми за рози и дестилерија што му припаѓа на семејството Ал Камал. Нивната компанија, Ал Камал Роуз, е една од најстарите производители на масло од роза во земјата.
Говорејќи за ТРТ Ворлд, портпаролот на Ал Камал рече дека семејството Ал Камал работи на производство на масло од роза повеќе од 125 години - од 1887 година.
„Ова е нашата најважна сезона. Март и април се шпицот на розите во Таиф, ги собираме сите основни производи направени од розите. Постојат три главни производи произведени за време на сезоната на рози: масло од роза Таиф, концентрирана розова вода Маа Ал Арос и обична розова вода. Од обичната розова вода произведуваме други производи како сапун, шампон, лосион за тело и боја за коса, вкупно околу 50 производи“, рече портпаролот.
Работата на фармата започнува во декември, кога земјоделците ги ораат, ѓубрат и ги наводнуваат грмушките од рози. Потоа грмушките се закројуваат во најстудениот период во годината, средината на јануари, а цветаат во март и април. Розите се во најдобра форма само три до четири недели, иако овој период може да се продолжи доколку грмушките редовно се кројат и добро се грижат.
За време на овој краток период на жетва, фармерите пристигнуваат рано секој ден за да ги берат розите пред да се искачат температурите. Ако се остават на топлина, розите ќе се исушат, уништувајќи го нивното скапоцено масло. Розите потоа се ставаат во кеси, се мерат и се носат во дестилеријата Ал Камал каде што се варат во затворени садови, па пареата патува низ цевките за да се излади и дестилира, што резултира со високо концентрирана розова вода.
Маслото од роза може да се најде како лебди на врвот на концентрираната розова вода и треба да се извлече со помош на специјален шприц.
Високо концентрираната Маа Ал Арос не е погодна за консумирање и се користи за правење козметика. Сепак, разредената розова вода може да се користи во готвењето и е основна состојка во повеќето кујни на Блискиот Исток, каде што е клучна состојка во многу арапски слатки и десерти како што се кунафе, басбуса и мухалабеи.
Одгледувањето рози е исклучително профитабилен бизнис за жителите на Таиф. Околу 550 милиони рози се собираат во и околу градот секоја година. Минатата година, жетвата придонесе за економијата на Таиф со 64 милиони саудиски риали или 17 милиони американски долари.
Според Латифа Ал-Адвани, супервизор на историскиот центар Таиф, фармите за рози во Таиф произведуваат 800 тони розова вода и 40.000 толи масло секоја година. Само за една тола масло од роза (шишенце од 12 мл) се потребни 12.000 рози за да се направат, што ја објаснува нејзината скапоцена цена.
Грмушките со „дамаскинските“ рози може да се најдат и во Туркије, Мароко, Бугарија и Индија, но токму розите на Таиф се најбарани од парфимериите ширум светот.
Carolina Herrera Oud Couture, Guerlain La Petite Robe Noire, Ormonde Jayne Parfum и Nina Ricci L'Extase Absolue се само неколку парфеми од модни брендови кои ја имаат розата Таиф во нивните основни ноти.
Калид Ал Шерби, родум од Таиф, е лиценциран туристички водич во Саудиска Арабија, саудиски туристички експерт и основач на Про Травел Гајд. Говорејќи за ТРТ Ворлд, тој ја објасни привлечноста на розите во неговиот град.
Квалитетот, стабилноста и мирисот на розите на Таиф се сосема различни, што ги прави меѓународно познати по нивниот луксуз, арома и квалитет.
Според Ал Камал Роуз, тоа е причината зошто розите од Таиф се користат за парфемирање на двете најсвети џамии во светот, Масџид Ал Харам во Мека и Масџид Ал-Набави во Медина.
„Маслото од роза се користи за мирис на теписите и кисвахот, црно-златно извезената обвивка на Каба“, изјави нивниот портпарол.
„Во однос на економијата на Саудиска Арабија, маслото од роза од Таиф се смета за наш најдобар домашен производ, покрај тоа што е најдобар производ од роза во светот. Нема ништо слично“.
Имено, грмушките од рози не изворни цветови во Таиф. Легендата вели дека Османлиите донеле садници со себе од Левантот и ги подарувале на еден благородник во Мека. Потоа наредил да бидат засадени во планината Ал Хада поради постудената клима таму.
Кога ќе заврши жетвата и бербата на цветовите, сезоната на рози во Таиф кулминира со еден од најголемите туристички настани во Саудиска Арабија, годишниот фестивал на розите во Таиф. Оваа година фестивалот ќе трае од 7-14 мај.
Организиран од Министерството за култура на Саудиска Арабија, Фестивалот на розите во Таиф е клучен настан за 860-те фарми за рози кои учествуваат, бидејќи тоа е нивната главна можност да се пласираат на пазароти, како и да привлечат нови инвеститори и да продаваат производи.
Според експертот за туризам Калид Ал Шерби, фестивалот на розите станува сè попопуларен меѓу локалното население и туристите, што, пак, ги поддржува локалните бизниси.
Тој додаде: „Бројот на фарми на пазарот е зголемен; има околу 900 регистрирани фарми за рози во Таиф. Има околу 70 фабрики во Таиф кои произведуваат масло од роза. Овие бројки се зголемуваат годишно, а кога има излез за продажба каков што е Фестивал на розите во Таиф, многу ветувачки е инвестирањето во садење и продажба на рози. Има 100.000 посетители на фестивалот на розите дневно“.
Минатата година, фестивалот привлече 1 милион посетители, што го прави голем културен настан заслужен за помошта за ревитализација на саудискиот туризам.
Покрај тоа што го поттикнува туризмот до овој град во планините, Фестивалот на розите во Таиф помага да се разбие стереотипот за географијата на Саудиска Арабија која се состои чисто од песочна пустина. Ал Шерби се согласува, велејќи дека кога ги носи туристите наоколу, тие секогаш се пријатно изненадени.
„Кога го рекламираме Фестивалот на розите и сезоната на рози во Таиф и тоа го гледаат меѓународните туристи, тие се изненадени што во Саудиска Арабија имаме планини кои се над 2,500 метри надморска височина и шуми. Туристите прашуваат дали е реално, дали навистина сме во Саудиска Арабија?' Навистина вреди да се посети“.