Може ли да се гарантира дека Северна Македонија на патот кон ЕУ нема да наиде на нова пречка? Членството на земјата кон ЕУ не се однесува само на уставните измени. Тоа е само пречка што треба да се надмине за да не се прекине процесот.  / Photo: AA

Уставните измени, овие денови, но и веќе извесно време ја окупираат политичката агенда во Северна Македонија. Во овој контекст, спонтано се јавуваат многу прашања кои се поставуваат и чекаат да бидат одговорени. Што всушност содржат уставните измени? Дали опозициските пратеници ќе ги поддржат и покрај сегашниот став на противење?... Или дали патот на Северна Македонија кон Европската Унија (ЕУ) зависи од овие измени? Пред да преминеме на одговорите на овие прашања, да се осврнеме на интегративниот процес на Северна Македонија во ЕУ.

Самитот ЕУ-Западен Балкан во 2003: Иднината на регионот е во ЕУ

На Самитот ЕУ-Западен Балкан одржан во Солун во 2003 година, беше истакнато дека иднината на сите држави во регионот зависи од нивното учество во структурите на ЕУ. Затоа земјите од Западен Балкан сметаат дека најдобар начин да се спречи каква било економска и политичка нестабилност е да се биде под капата на ЕУ. Поради овие причини, повеќе од 30 години приоритет на овие земји е да станат дел од ЕУ. Ова важи и денес за Северна Македонија.

Постојат голем број на обврски и реформи кои овие земји мора да ги исполни во процесот на интеграција со ЕУ. Доколку се спроведат овие реформи, тие ќе можат да добијат поддршка од соседните земји. Во спротивно, овие земји ќе останат во „чекалната“ на ЕУ.

Македонскиот пат кон ЕУ

Од осамостојувањето на Република Македонија сите досегшани структури на државниот врв нагласуваа дека членството во ЕУ е на врвот на стратешките цели на земјата. Европската Заедница, како што се нарекуваше во тоа време, беше меѓу првите што ја призна Македонија со нејзиното уставно име. Исто така, во периодот 1991-2023 година беа воспоставени многу полиња на соработка и беа потпишани различни договори во односите на ЕУ и со Македонија и со земјите од Западен Балкан.

Процесот беше пролонгиран со ветото на Македонија од страна на Грција, од неодамна Франција и Бугарија, а земјата се уште не ја постигнала својата конечна цел.

Со оглед на проширувањето на ЕУ, процесот на членство во ЕУ на земјите од Западен Балкан траеше многу подолго од земјите од Централна и Источна Европа. Паралелно со ова, процесот за членство на Северна Македонија, вклучувајќи ги и причините споменати погоре, траеше толку долго и продолжува да го прави тоа. Иако Северна Македонија беше првата регионална земја што го потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација во регионот, мораше да чека 17 години пред да започнат преговорите со ЕУ.

Една од најголемите пречки за членство во ЕУ беше спорот околу името со Грција. Со Преспанскиот договор, потпишан со Грција во мај 2018 година, дипломатската криза заврши и оваа земја стана поддржувач на процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ и НАТО.

Бугарија го попречува патот на Северна Македонија кон ЕУ

Сепак, тука се соочи со нова пречка. Овојпат на страната на соседната земја Бугарија се покренаа прашања кои тешко се договараат за историјата, идентитетот и јазикот.

Бугарските приговори овојпат беа бариерата на патот на Северна Македонија за членство на ЕУ. Потоа се активираше дипломатијата на ЕУ и и претстави предлог до Владата на Северна Македонија минатата година, во јавноста познат и како „Француски предлог“.

Според овој предлог, Северна Македонија мораше да обрне внимание на две прашања поврзани со Бугарија за да продолжи напред на патот на членството во ЕУ. Едниот требаше да се усогласи со Договорот за Пријателство добрососедство и соработка потпишан во август 2017 година со Бугарија, а другиот требаше да го вклучи во Уставот бугарското малцинство кој што живее на територијата на Северна Македонија. Ова ја доведе Северна Македонија до нов уставен амандман.

До каде е постапката со уставните измени?

Владата на 18 јули 2023 го достави Предлогот за уставни измени до Собранието веднаш по завршувањето на 171. седница. Триесет работни дена од денот на влегување во собраниска процедура на Предлогот треба да се гласа за утврдување на потребата за промена на Уставот.

Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата.

„Односно, во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите”, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: “бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ”. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот“, информира Владата. Суштината на бараните уставни измени е внесување на Бугарите во преамбулата на македонскиот устав, како услов за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ, односно отворање на поглавјата и преговорите со Унијата.

Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно за да дојде до изгласување на уставните измени во Собранието, треба да гласаат најмалку 80, од вкупно 120 пратеници. Одлуката на Собранието за измени на Уставот ќе овозможи одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ до декември 2023 година, отворање на поглавјата во преговорите, интензивирање на реформите и брзо членство во ЕУ, очекува Владата.

Различни ставови за уставните измени

Како и секогаш, има два различни ставови за уставните измени. Оние кои што поддржуваат нови промени веруваат дека секој оној пратеник кој им мисли добро на државата и на идните генерации треба да каже „за”. Исто така се верува дека со новите Уставни измени ќе зајакне мултиетничкиот карактер на државата.

Од другата страна, пак, оние кои се против, сметаат дека ова е спротивно на меѓународното право и голема штета за македонскиот народ и неговите државотворни и национални интереси.

Поради актуелниот наратив во актуекното политичкото секојдневие, стана широко познато дека без усвојувањето на уставните измени, повторно ќе дојде до запирање на патот на Северна Македонија кон ЕУ. Но, дали е познато кога земјата ќе ја оствари својата стратешка цел - полноправно членство во ЕУ, по евентуален уставен амандман? Или може ли да се гарантира дека земјата нема да наиде на нова пречка? Членството на Северна Македонија кон ЕУ не се однесува само на уставните измени. Тоа е само пречка што треба да се надмине за да не се прекине процесот. Сепак, преостанува уште многу работа, особено во делот на Копенхашките критериуми. Освен предвидувањата и надежите, сѐ уште никој не знае кога ќе заврши процесот.

TRT Balkan
Популарни