На светот постојат пет видови носорози         Фото: Ројтерс

Воодушевуваат со својата големина, но и со подвижноста и борбениот дух. Носорозите се како оклопни џинови кои потсетуваат колку луѓето се мали во споредба со животните кои сега ги има во природата, но и оние кои за жал исчезнале.

На светот постојат пет видови носорози, бели и црни носорози од Африка, големите носорози со еден рог и нивни роднини, носорозите од Јава и Суматра. Секој од овие носорози е загрозен, но не подеднакво.

Светскиот фонд за природа (WWF) го одбележува 22 септември како Светски ден за заштита на носорозите, животни кои се критично загрозен вид и на кој очајно му треба помош за да преживее. Нормално, како и во многу други случаи на загрозени животни, најголемата опасност е токму човекот.

Црни носорози има уште 5.200

Носорозите се оклопни џинови на Африка. Тоа се како тенкови со нозе кои постоеле на планетата Земја со милиони години. Светскиот фонд за природа проценува дека на светот има уште 5.200 црни носорози и тие се критично загрозени. Ловокрадството на носорозите поради нивните рогови и климатските промени поради кои се губат живеалиштата се огромна закана и за белите и за црните носорози.

Во текот на 1970 до 1992 година биле истребени околу 96% од црните носорози поради ловокрадство. Се смета дека во природата има уште околу 5.195 црни носорози.

Белите носорози се смета дека се успешна приказна на тоа како човекот може да помогне да се зголеми нивниот број. Се смета дека во 1895 година имало помалку од 100 единки, но со нивна заштита бројот низ годините се зголемил на 20.000, за во денешно време повторно да опадне на околу 15.900 единки

Најголем дел од носорозите во Африка се лоцирани во четири држави и тоа Јужна Африка, Намибија, Зимбабве и Кенија.

Се ловат поради суеверие

Во последната декада расте бројот на случаи на ловокрадство кое е предизвикано од побарувачката на нивните рогови, претежно во земји како Виетнам. Некои народи веруваат дека роговите од носорогот имаат лековити па дури и магични својства иако го содржат истиот протеин како и ноктите на луѓето-кератин. Сепак, роговите во некои земји се статусен симбол за богатство и моќ на растечката средна класа.

Во Јужна Африка се смета дека месечно се убиваат по 100 носорози. Над 7.100 африкански носорози се убиени во последните 10 години - тоа е околу 2 носорози секој ден.

Азиските носорози се бројат на прсти

Носорозите во Азија се разликуваат од оние во Африка во надворешниот изглед бидејќи имаат дополнителни слоеви кожа. Носорозите од Суматра се речиси истребени и се смета дека има помалку од 80 единки. На Јава се смета дека има уште 60 до 70 единки останато.

Големиот носорог со еден рог кој исто така го има во Азија е загрозен вид со околу 3.500 единки останато. Најголема закана за азиските носорози е фактот дека ги губат нивните природни живеалишта поради сечење шуми, земјоделие или градежништво.

Тежат и над три тони

Носорозите од Суматра се најмали и тежат само околу 600 килограми. Од друга страна белите носорози се тешки и до 3.5 тони. Тоа е импресивно ако се земе во предвид дека јадат трева и лисја. Она што е интересно е дека и црните и белите носорози се всушност сиви и нивниот назив нема никаква врска со нивниот изглед. Се смета дека имаат слаб вид и дека не можат да забележат нешто на околу 30 метри, но имаат одличен мирис.

TRT Balkan
Популарни