Во Америка ги има насекаде, во Европа се контроверзни, а во Азија копнеат по нив. Како што топлотните бранови стануваат се почести во светот, клима уредите се во центарот на вниманието.
За добро или лошо, овие уреди гладни за енергија се важна адаптација на светот, кој се повеќе се загрева. Според експертите, на милиони луѓе тие им станаа неопходни за опстанок.
Иако помагаат да се спасат животи, клима уредите имаат своја цена, нивните потреби за енергија се огромни. Според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), клима уредите се одговорни за емисијата на приближно една милијарда метрички тони јаглерод диоксид годишно од вкупно 37 милијарди емитирани ширум светот.
Овој маѓепсан круг може да се прекине, велат експертите, со зголемување на уделот на обновливите извори на енергија, развивање на клима уреди кои бараат помалку енергија и развивање на други техники за ладење.
„Има некои вистински моралисти кои мислат дека можеме да ги елиминираме, но мислам дека тоа не е изводливо“, изјави за АФП Роберт Даброу, епидемиолог од Јеил, кој е специјализиран за здравствените ефекти од климатските промени.
Пристапот до клима уред веќе спасува десетици илјади животи годишно, а тој број расте, според неодамнешниот извештај на ИЕА, чиј коавтор е Даброу.
Истражувањата покажуваат дека ризикот од смрт поврзана со топлина е намален за три четвртини кај оние кои живеат во климатизирани домаќинства.
Во САД, каде што околу 90 отсто од домаќинствата имаат клима уред, научниците ја нагласуваат улогата на клима уредот во заштитата на населението и потенцијално разорниот ефект од прекините на струја за време на топлотните бранови.
Сепак, од 3,5 милијарди луѓе ширум светот кои живеат во топла клима, само околу петнаесет проценти имаат клима уред.
Во Индија „климите“ ќе потрошат струја колку што произведува Норвешка
Бројот на климатизери во светот, веќе околу две милијарди, вртоглаво ќе порасне со порастот на температурите. Најголем раст ќе имаат Индија, Кина и Индонезија, првата, втората и четвртата најнаселена земја во светот.
Процентот на домаќинства во Индија опремени со климатизери може да се зголеми од 10 на 40 отсто до 2050 година, според една неодамнешна студија.
Ова, сепак, ќе донесе зголемување на потрошувачката на електрична енергија еднакво на постојното годишно производство на земја како Норвешка.
Проблемите кои ги носи зголемената клима не застануваат тука. Клима уредите користат флуоро-јаглеродни гасови како средства за ладење, кои имаат топлинска моќ илјадници пати поголема од CO2 кога се испуштаат во атмосферата. Во исто време, со ослободување на топол воздух на улиците, климатизацијата придонесува за создавање урбани топлински острови.
Студијата од 2014 година покажа дека топлината што се емитува од системите за климатизација во центрите на градовите ја зголемува просечната температура на воздухот за повеќе од 1 степен Целзиусов. И конечно, поради неговата цена, пристапот до клима уред може да биде финансиски проблем.
Ако идната мрежа на Индија користи исто толку фосилни горива како денес, тоа би значело околу 120 милиони тони повеќе јаглерод диоксид годишно - или 15 отсто од сегашните емисии на енергетскиот сектор во земјата.
Проблемите кои ги носи зголемената климатизација не застануваат тука. Работата на електраните предизвикува и загадување на воздухот.
И конечно, поради неговата цена, пристапот до клима уред може да биде финансиски проблем. Цената на сметките за струја може да ги принуди посиромашните семејства да избираат помеѓу ладење и други основни потреби.
Одржливо ладење
Енрика Де Сиана, професорка по економија на животната средина на Универзитетот во Венеција, вели дека климатизерите се неопходни, но важно е да се комбинираат со „комплементарни“ пристапи.
Прво, со продолжување на зголемувањето на производството на обновлива енергија и намалување на фосилните горива, така што енергијата што ја користат климатизерите ќе доведе до помалку емисии.
Второ, со развивање и инсталирање на прифатливи клима уреди кои трошат помалку енергија, на што некои компании веќе работат.
Поголемата ефикасност би ги намалила и ризиците од прекини на електрична енергија поради прекумерната побарувачка. Во топлите денови, клима уредот може да искористи повеќе од половина од максималната потрошувачка.
Но, пред се, експертите ја нагласуваат истовремената потреба од мерки за просторно планирање, вклучувајќи повеќе зелени и водени површини, тротоари и покриви кои ги рефлектираат сончевите зраци и подобра изолација на зградите.
„Треба да постигнеме одржливо внатрешно ладење. Предложените решенија се многу остварливи. Станува збор за политичка волја за нивно спроведување“, вели Даброу.