Секој трет жител на Европската Унија (35%) сака да знае од каде доаѓа електричната енергија која ја троши во домаќинството. Се повеќе енергетски компании кои вршат снабдување со струја во финалните пресметки го прикажуваат и изворот на производство.
Иако европската регулатива е наменета пред се за земјите членки на ЕУ таа индиректно се однесува и на сите европски граѓани бидејќи енергетиката и животната средина се директно поврзани, а соодветното загадување, без оглед каде се создава, влијае врз целиот континент.
На Балканот постoи одреден напредок во однос на подобрување на правата на потрошувачите, со подобар увид во ставките за потрошената електрична енергија.
Со новиот закон за унапредување на обновливите извори на енергија и македонските потрошувачи ќе имаат увид во тоа колку од струјата која ја трошат е произведена од сонце, ветер или хидропотенцијалот.
Но, зошто токму овие информации се важни за потрошувачите и како измените во сметките за струја може да влијаат на енергетскиот сектор.
Чиста енергија за сите Европејци, профитот за малкумина
Во регулативата „Чиста енергија за сите Европејци“ се дефинирани точните правила за заштита на правата на граѓаните како потрошувачи од аспект на енергетиката. Целта е да се поттикне учеството на граѓаните во енергетскиот пазар и покрај нивната улога на потрошувачи да станат и производители на електрична енергија. Тоа може да го постигнат и со членување во енергетски задруги, заедници и здруженија.
Но, граѓаните имаат посебен третман на енергетскиот пазар и според европските регулативи нивното учество не треба да биде мотивирано од профит, право кое го задржуваат сите останати учесници како што се произведувачите на струја, снабдувачите, дистрибутерите, трговците и енергетските компании.
Во таа смисла и со новиот закон за обновливи извори на енергија и македонските граѓани и малите потрошувачи, иако ја добиваат долго бараната форма на создавање енергетски заедници за здружен настап на пазарот, и натаму не добиваат профитни мотиви.
Иако самите ќе учествуваат во зголемување на уделот на струјата произведена од обновливи извори на енергија, во мрежата ќе треба да предадат помала количина од потрошената, а за вишоците нема да добијат надомест.
Истовремено производителите на енергија од обновливи извори добиваат повластени тарифи и субвенции од државата, практично се финансираат од парите на граѓаните. Но, домаќинствата со оваа регулатива иако ќе може да придонесат во енергетскиот биланс со чиста и одржлива енергија и ќе имаат увид каква енергија трошат, нема да бидат профитно мотивирани.