Енергетските компакти или доброволни обврски за овозможување на енергетската транзиција од страна на државите членки на Обединетите нации и останатите актери како што се компаниите, досега достигнаа вредност од над 1 билион американски долари.
Овие ветени средства треба да се остварат до 2030 година за да се овозможи замена на енергијата базирана на фосилни горива со обновливи извори на енергија.
Сепак, и покрај досега рекордниот износ на ветени средства, во новиот извештај за напредокот на енергетските компакти, се проценува дека до 2030 година и натаму 660 милиони луѓе ќе немаат пристап до електрична енергија, а 2 милијарди луѓе или речиси третина од населението нема да можат да готват во соодветни услови.
Обврските се замислени како иницијативи кои имаат силно влијание во забрзувањето на примената на обновливата енергија, подобрување на енергетската ефикасност и намалување на енергетската сиромаштија, како и за зголемување на пристапот до електрична енергија.
За да се намали бројот на луѓе во ризик до крајот на оваа деценија, според проценките на ОН се потребни дополнителни 23 до 48 билиони долари.
Колку средства му се потребни на регионот?
Земјите од Западен Балкан се исто така соочени со последици од климатските промени и загадување од согорувањето на фосилни горива како што е јагленот.
Енергетската транзиција на регионот од јаглен кон обновливи извори на енергија ќе биде помогната и од Европската Унија, која вети речиси 2 милијарди евра преку програмата Зелена европска агенда за Западен Балкан.
Проценките се дека од загадувањето кое го предизвикува енергијата произведена во термоелектраните во регионот, ЕУ во просек губи околу 8 милијарди евра годишно. Секако, последиците врз здравствениот систем во регионот се огромни, а годишни десетици илјади луѓе умираат од последици од загадениот воздух, како и од нарушувањето на животната средина.
До 2030 година потребно е сите земји членки на Организација за економска соработка и развој (ОЕЦД) да престанат да користат јаглен за производство на струја, а исто така и регионот ќе треба да ги забрза овие рокови доколку сака да ја продолжи амбицијата за членство во ЕУ.