Држави кои ќе ги променат главните градови во наредните години     Фото:  / Photo: TRT Balkan

Фановите на играта „брза географија“ ќе треба да го обноват своето знаење во графата главни градови бидејќи неколку држави планираат или веќе ги променија своите престолнини. Некои од нив се во градба со амбициозни урбанистички проекти, а други се само предлози на хартија.

Причините за преселба на престолнината може да бидат различни, од идејата за изградба на нов плански град со совршен урбанизам и показател за економскиот прогрес на една земја, па се до присилни одлуки под влијание на климатските промени, како и воено-тактички причини за спречување државни удари, масовни протести и елитизам.

Грандиозни планови за нови престолнини

Египет има амбициозни планови за изградба на нов административен град надвор од Каиро со модерна инфраструктура. Градот не е официјално именуван, но го означува обидот на владата преку мега градежни проекти да го поттикне економскиот раст, како и да се справи со пренаселеноста. Каиро веќе има речиси 10 милиони жители.

Сепак, грандиозниот проект кој се проценува на над 45 милијарди американски долари не помина без доза критики, насочени пред се кон скапите резидентни објекти во кои ќе живеат само најбогатите и државните чиновници, како и фактот што во новата престолнина ќе биде тешко да се собере голема маса на луѓе како за време на одлучните протести кои донесоа тектонски политички промени во Египет.

Јужна Кореја исто така почувствува потреба од изградба на нов плански град кој ќе го замени Сеул како центар на државните институции. Тоа е градот Сеџонг кој е во градба од 2007 година со околу 350.000 жители.

До крајот на оваа декада треба да заврши целосната изградба и преселба на клучните државни институции како собранието и канцеларијата на претседателот на Јужна Кореја.

Идејата е Сеџонг да достигне барем половина милион жители и бројни инвестиции од приватниот сектор што ќе делува како економска инјекција на централниот дел на државата. Се уште се водат политички дебати дали Сеџонг треба да прерасне во нов главен град или само административен град со посебен статус.

Индонезија доколку успее да го изгради новиот главен град Нусантара ќе ја има и најголемата преселба на престолнината досега на оддалеченост од дури 2.000 километри, позициониран длабоко во обраснатиот со џунгла остров Борнео.

Еден од главните мотиви за „пензионирање“ на Џакарта е што градот постојано тоне поради вековни проблеми со урбаното планирање, недостигот на вода, копањето бунари за експлоатација на подземните води и опасните последици од климатските промени. Дополнителен ризик за Џакарта е и црното сценарио за целосно потопување до средина на векот.

Замислата на индонезиските власти е да се создаде „утописки смарт сити кој ќе биде целосно еколошки“. Целосниот проект е проценет на околу 30 милијарди американски долари, но засега владата на Индонезија има проблеми да привлече приватни инвеститори.

Исто така има и критики дека масовни урбанистички зафати негативно ќе влијаат врз дождовните шуми на Борнео, каде веќе има огромни последици од одгледувањето на моноколтури како палмино масло.

Што вели неодамнешното искуство?

Од поголемите држави кои неодамна ги променија главните градови не може да се заобиколат Малезија, Мјанмар и Казахстан, секоја со различни причини.

За Малезија ако ве прашаат кој е главен град сигурно како од пушка ќе одговорите „Куала Лумпур“, но владата во оваа азиска земја веќе две децении работи на преселба на главниот град во Путраџаја каде се наоѓа седиштето на многу државни институции. Путраџаја иако е одалечен само 25 километри од Куала Лумпур е целосно плански граден и треба да ја намали пренаселеноста во досегашната престолнина.

Путраџаја ќе биде украсен со модерни градби во исламски и арапски стил, импресивна „Железна џамија“, огромни паркови и зеленило и хај-тек смарт сити. Засега има само 100.000 жители бидејќи и покрај големиот напредок привлечноста на Куала Лумпур, еден од најатрактивните градови во светот, не избледува.

Не така далеку од оваа земја е и Мјанмар, но тука мотивите за изградба се сосема различни. Мјанмар со децении е погоден од внатрешни конфликти, државни удари и воени хунти, па така причината за преселба на главниот град Најпјиду од Рангон во 2005 година повеќе имаше воен отколку урбанистички карактер.

Сепак, во последните години градот стана познат по уникатниот автопат со 20 ленти, изграден како што се шпекулира со намера да слетуваат и авиони доколку има протести или потреба од воена интервенција или евакуација на владините служби.

Тука често доаѓаат туристи иако речиси и да нема сообраќај, па така на пример Гардијан го нарече „постапокалиптично предградие“. Најпјиду има околу 600.000 жители, но „празнотијата“ доаѓа од неговата огромна површина која е шест пати поголема од Њујорк.

Последен во низата нови главни градови на азискиот континент е и Казахстан кој го промени името на главниот град. Во текот на годинава (2022) на досегашната престолнина Нурсултан по само три години повторно и е вратено името Астана.

Во 2019 година во чест на тридеценискиот владетел Нурсултан Назарбајев беше променето името на главниот град. Интересно е што Астана многупати досега го има променето името и била позната како Акмолинск, Целиноград, и Акмола во поновата историја.

Казахстан освен што менува имиња на градовите, ги преселувал и престолнините. Во време на Советскиот сојуз главен град бил Алмати познат и како Алма Ата, а по независноста оваа чест ја задржал до 1997 година.

Поголемиот дел од овие примери покажуваат дека новите амбициозни планови за изградба на главни градови од „нула“ се повеќе се карактеризираат со приказот на моќта на владејачките структури и елити, за разлика од постколонијалниот период кога промената на престолнините имаше улога на мобилизирање на нацијата, создавање или враќање на државните симболи и социјален и економски развој во независноста како во примерите на Бразил и Нигерија.

Популарни