Договор кој обединува, ги лекува раните од минатото и отвара пат за мир, братство и раст. Вака сублимирано на Преспанскиот договор, кој беше потпишан пред четири години, гледаа тогашниот македонски премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас.
Но што донесе договорот потпишан во Нивици? Колку навистина документот кој на 17 јуни 2018 година го парафираа поранешните шефови на македонската и грчката дипломатија Никола Димитров и Никос Коѕијас донесе подобра перспектива во односите меѓу двете земји?
Членството во НАТО се реализира, датумот за преговори само желба
„Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“. Ова беше прашањето на референдумот кој се одржа на 30 септември 2018 година. Властите во Скопје одлучија дека Договорот од Преспа мора да оди на проверка пред граѓаните.
По недоволната излезност од 36,91 отсто наспроти минимумот од 50 отсто плус еден глас се премина на гласање во Парламентот. Уставните измени кои се предвидуваа со Преспанскиот договор беа усвоени во Собранието со 81 глас ЗА.
Со усвоените уставни измени во Собранието и предвидените процедури, Република Македонија го смени уставното име и според Преспанскиот договор стана Република Северна Македонија.
Четири години подоцна членството во НАТО е реалност, но датумот за преговори со ЕУ сè уште е неостварена цел. Едната од двете главни стратешки цели поради кои беше потпишан од македонска страна е реализирана.
Грција ја крена рампата и со тоа заврши три деценискиот спор за името меѓу двете земји. Северна Македонија на 27 март 2020 година стана 30 членка на Северно атлантската Алијанса. Договорот беше главен услов за земјата да биде дел од овој воен сојуз.
Патот до Брисел води преку Софија
Кога се чинеше дека Северна Македонија е на добар пат да добие и датум за преговори со Европската унија се појави нова пречка. Бугарија ја условува првата меѓувладина конференција со три барања. Рамковната позиција на бугарскиот Парламент, внесувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија и спроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство.
Неизвесно е дали и кога ќе има поместувања во ставовите на Софија особено по шпекулациите за француски предлог за кревање на бугарското вето. И каква динамика во односите ќе донесе предлогот на Емануел Макрон.
Бугарскиот премиер Кирил Петков е на удар на тамошната опозиција поради информациите дека е подготвен да направи отстапки. Дополнително ситуацијата ја компликува сложената политичка ситуација во Бугарија, превирањата во Собранието и можните нови парламентарни избори.
Други придобивки
Зголемената доверба и трговска размена меѓу двете земји, охрабрувањето кај домашните и странските инвеститори, создавањето поповолна бизнис клима, ставањето на Северна Македонија на мапата за реализација на проекти од регионално значење според македонската Влада се придобивките кои ги донесе потпишувањето.
Гледајќи пошироко, ставот на ЕУ е дека ваквите договори како Преспанскиот придонесуваат за регионална стабилност и треба да служат како пример. Дел од земјите во регионот се на оваа линија, а други пак сметаат дека она што сега и се поставува на Северна Македонија како услов во односите со Бугарија е доказ за непринципиелната политика на Европската унија.
Негативни реакции
Она што Преспанскиот договор и по четири години не успеа да го постигне и во Северна Македонија и во Грција е политичкото единство. Двете општества се далеку од политички консензус за ова прашање. Дел од политичките партии и граѓаните не се согласуваат дека договорот носи придобивки и сè уште сметаат дека тој оди на штета на националните интереси и идентитет.
Ваквите ставови беа причина за масовни протести. Но поддршката која договорот ја има кај меѓународната заедница е причина на него да се гледа како на реалност без оглед на позициите на одредени политички фактори дека во блиска или далечна иднина таа реалност треба да претрпи промени.