Ердоган: Ескалирачката исламофобија, ксенофобија и расизам низ целиот континент се меѓу најголемите грижи и за нашите граѓани што живеат во Европа и за имигрантите / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изрази загриженост поради нарушената доверба во европските вредности, особено како резултат на политиките за време на кризата во Газа и ги истакна актуелните прашања за човековите права и правдата по повод Денот на Европа.

Во говорот по повод Денот на Европа на 9 мај претседателот Ердоган истакна дека тој ден не само што го симболизира почетокот на политичкото и економското единство на Европа, туку ја слави и кулминацијата на обемните колективни напори за мир и стабилност во текот на децениите, се вели во соопштението објавено од турскиот Директорат за комуникации.

„Сепак, голем број предизвици, како што се војни, конфликти, терористички акти, нерегуларна миграција и климатски промени, како на глобално ниво, така и во нашиот близок регион, го загрозуваат поредокот на европскиот континент. Ескалирачката исламофобија, ксенофобија и расизам низ целиот континент се меѓу најголемите грижи и за нашите граѓани што живеат во Европа и за имигрантите. Дискриминацијата и злосторствата од омраза против европската турска заедница стануваат сè повообичаени“, рече тој.

Ердоган истакна дека политиката на одредени европски институции и земји за време на кризата во Газа, која резултираше со смрт на 35.000 Палестинци, вклучително и 15.000 деца, ја поткопа довербата во европските вредности.

„Како што кризите, конфликтите и војните што ја зафаќаат Европа и нашата заедничка географија остануваат нерешени, така ќе продолжи да расте преиспитувањето на овие вредности“, додаде тој.

Ердоган ја повика Европа да им даде приоритет на инклузивните правични политики, ориентирани кон соработка, низ поширокиот европски регион и медитеранскиот басен, нагласувајќи го нивното значење за иднината на континентот.

„Во овој критичен момент, каде што моментумот на политиката за проширување е зголемен, крајно време е нашата земја и ЕУ да ја зајакнат соработката на сите полиња, вклучително и пристапните преговори, кои ја формираат основата на нашиот однос, и да ја зацврстат на поцврста основа. Од витално значење е ЕУ да ги одржува своите односи со нашата земја во рамките на принципот на добра волја и со фер пристап ориентиран кон резултати, избегнувајќи ги политиките и реториката што ги заглавуваат нашите односи“, додаде Ердоган.

Претседателот, исто така, ја предупреди ЕУ дека Туркије нема да се двоуми да ја искористи својата стратегиска моќ против политиките што ги засегаат и Туркије и ЕУ.

„Би сакал да ја повторам нашата подготвеност да работиме заедно за попросперитетна, покохезивна, поотворена Европа во која нашата земја може да го заземе вистинското место. Со овие зборови, на сите Европејци, особено на нашите граѓани, им го честитам Денот на Европа, 9 мај “, рече претседателот на Туркије Ердоган.

TRT Balkan / агенции
Популарни