Грчкиот премиер Мицотакис реагира на одлуката на македонската претседателка Силјановска - Давкова / Photo: Reuters

Нелегална, недозволива и провокативна. Вака денеска грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја карактеризира одлуката на Гордана Сиљановска Давкова да го користи името Македонија за време на нејзината инаугурација и паралелно ја повика новата македонска претседателка да се врати на законските должности и на однесувањата кои произлегуваат од нејзината улога. Мицотакис и порача дека како што вели секој чекор на Скопје кон Европа, меѓу другото, зависи и од употребата на уставното име.

Во опширниот пост на Фејсбук Мицотакис истакнува дека Грција не прифаќа вакви пропусти и посочи дека името, избегнувањето провокации и почитувањето на Договорот од Преспа се клучни и за напредокот на билатералните односи и за ЕУ перспективата на земјата.

“Провокативниот избор на новата претседателка на Северна Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече земјата со различно име претставува нелегална и недозволива иницијатива. Чин кој го прекршува Договорот од Преспа и самиот устав на нејзината држава. Но и поткопување на иднината на државата, како што веќе изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, напиша грчкиот премиер.

Тој додаде дека Нова демократија како опозиција гласаше против Договорот од Преспа и предупреди за проблемите што се создаваат, но посочи дека сега, како Влада, го почитуваат грчкиот потпис на меѓународен договор, обврзувачки за земјата.

“Грција ги отфрла начините на управување како овие со кои госпоѓа Силјановска го започнува својот мандат. Категорично изјавуваме дека нема да прифатиме вакви неприфатливи грешки. И повторуваме дека секој напредок во билатералните односи, како и секој чекор на Скопје кон Европа, зависат од искреното почитување на договореното. Од правилната употреба на уставното име на соседната држава. И, секако, од избегнувањето провокации, напиша Мицотакис на Фејсбук.

Инаку на вчерашната инаугурација во македонското Собрание новоизбраната претседателка Гордана Силјановска – Давкова го употреби името Македонија и избегна да го употреби уставното име на државата Северна Македонија.

На ова реагираше и Европската унија преку Службата за надворешни работи на ЕУ (ЕЕАС). Тие изразуваат жалење поради фактот што новата претседателка не го употреби уставното име на државата на инаугурацијата.

“ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките, правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција”, се наведува во соопштението од ЕЕАС

TRT Balkan / агенции
Популарни