Државната изборна комисија на прес-конференција информира дека излезноста на парламентарните избори до 15:00 часот изнесува 37,44 проценти, а на претседателските избори 33,73 проценти.
До 15 часот пристигнати се податоци за излезеност на гласачите за претседателските избори од 2 271 избирачки места. Од вкупно запишани 1 172 912 гласачи на овие избирачки места, гласале 395.576 или 33,73 отсто. За парламентарните избори се пристигнати податоци од 2 136 избирачки места. Од вкупно запишани 1 113 441 гласачи на овие избирачки места, гласале 416 915 или 37,44 проценти, соопшти Државната изборна комисија.
Според ДИК, најголема излезеност за претседателските избори има во Новаци, 52,32 процента, а најмала во Липково, 3,60, додека за парламентарните избори најголема е излезеноста во Крива Паланка, 58,18 отсто, а најмала во Центар Жупа, 13,74.
"Споредбено со вториот куг од претседателските избори во 2019 година има зголемување на излезеноста од 3.39% на овие избори. Додека споредбено со првиот круг од претседателските избори 2024 имаме намалување од 0.84%. Споредбено со парламентарните избори во 2020 година има зголемување на излезеноста од 5.66 % на овие избори", информира ДИК.
Излезеноста по изборни единици за парламентарните избори е: ИЕ 1 42.31 отсто, ИЕ 2 - 36,69, ИЕ 3 41,02, ИЕ 4 - 36,88, ИЕ 5 - 35,95 и ИЕ 6 - 29,14 отсто.
"До овој момент до ДИК се доставени вкупно 405 приговори за заштита на личното избирачко право. Од нив 176 се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 18 приговори се отфрлени како неуредни, а 58 приговори се одбиени. Останатите приговори се во обработка", наведува ДИК.
Државната изборна комисија потсетува дека овој изборен ден го следат 1 303 домашни и 860 меѓународни набљудувачи, како и 83 странски новинари. Активен е и бесплатниот телефонски број 0800 555 44 на кој заинтересираните граѓани можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија. Исто така активна е и видео кол линијата на број 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат во текот на изборниот ден преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик.