Денес се одржува вториот круг на гласање за македонските претседателски и парламентарни избори.
Гласачките места се отворија во 7:00 часот на 3.480 избирачки места, а гласањето ќе трае до 19:00 часот.
Актуелниот претседател наспроти кандидатот на опозицијата
На седмите претседателски избори право на глас имаат 1.814.317 гласачи.
Кандидати за нов претседател на државата во вториот круг од претседателските избори се Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од коалицијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, и актуелниот претседател Стево Пендаровски, поддржан од коалицијата предводена од СДСМ.
На 24 април, на првиот круг од изборите, Силјановска-Давкова освои 363.085 гласови, а Пендаровски доби 180.499 гласа. На изборите имаше вкупно седуммина кандидати. Вториот круг на претседателските избори се одржува откако во првиот круг гласање ниту еден од кандидатите не освои над 50 проценти од гласовите на сите регистрирани гласачи. Одзивот во вториот круг на претседателските избори треба да биде над 40 проценти, за гласањето да се смета за важечко.
Според Уставот, претседателскиот кандидат треба да има над 40 години и да биде жител на државата најмалку 10 од последните 15 години. Еден мандат на претседателот трае 5 години, а еден претседател може да биде на должноста најмногу два мандата.
На парламентарните избори има 1.755 кандидати, од кои 1.002 мажи и 753 жени
На парламентарните избори право на глас имаат 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите во споредба со првиот круг на претседателските избори е 1.033, што е бројот на лица кои во меѓувреме станале полнолетни.
На 11-тите парламентарни избори граѓаните ќе може да избираат од 17-те листи на кандидатите за пратеници. Се гласа во шест изборни единици, а дел од коалициите и партиите имаат листи само за одредени изборни единици. На изборите има 1.755 кандидати, од кои 1.002 мажи и 753 жени.
Во македонското собрание се избираат 120 пратеници, според пропорционалниот модел, при што територијата на Републиката е поделена на шест изборни единици на кои се избираат по 20 пратеници.