Инаугурацијата на претседателката Гордна Силјановска - Давкова причина за реакции во соседството и Брисел / Photo: AA

Во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела, велат од кабинетот на претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Овој став од кабинетот на новоизбраната македонска претседателка доаѓа по неколкуте реакции од челници на соседни земји и Европската Унија на користењето на терминот Македонија, а не Северна Македонија од страна на Силјановска-Давкова при нејзината инаугурација.

“Претседателката Гордана Силјановска Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име. Македонските институции во последниве пет години речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски кои ги презеле кон земјата, се наведува во соопштението од кабинетот.

Претходно утрово со реакција на Фејсбук се јави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Тој одлуката на Силјановска – Давкова ја искоментира како недозволива, нелегална и провокативна. Мицотакис и порача дека секој чекор на Скопје кон Европа, меѓу другото, зависи и од употребата на уставното име.

Став дека нема да се прифаќаат изјави кои се во спротивност со Договорот за пријателство и добрососедство стигна од државниот врв на Бугарија. На оваа линија се бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот на Бугарија Димитар Главчев. Двајцата посочуваат на обврските кои со меѓународните договори ги има преземено Северна Македонија.

По инаугурацијата на Силјановска – Давкова реагираше и Европската унија преку Службата за надворешни работи на ЕУ (ЕЕАС). Тие изразуваат жалење поради фактот што новата претседателка не го употреби уставното име на државата.

TRT Balkan / агенции
Популарни