Силјановска - Давкова освои најголем број гласови во првиот круг од претседателските избори / Photo: Reuters

Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста, напати дури се срамам зарем е можно толку луѓе вака да реагираат. Не мислам дека сум посебна од многу работи, само знам дека она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин. Во тоа ве уверувам, од првиот ден, изјави вечерва Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Таа освои најголем број гласови на првиот круг од претседателските избори во Северна Македонија.

На прес-конференцијата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска Давкова рече дека овој резултат е инспиративен за неа.

“Горда сум на мнозина, најпрво, горда сум на граѓаните, не само на оние кои гласаа за мене, туку и на останатите. Особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката. Без нив немаше да го запознам народот, ниту тoj мене”, рече таа.

Дополни дека треба, како што рече, да ги инспирираме граѓаните дека вреди да се учествува на избори.

“Ова е крајот на првиот круг, доаѓа вториот круг, јас ќе се однесувам и во вториот круг кон оној со кој ќе треба да се натпреварувам, со должна почит. Се разбира очекувам таков однос. Не мислам дека треба да фрлиме сенка кон она што се случуваше денеска, треба да ги инспирираме граѓаните, да ги увериме дека вреди да се учествува на избори, да се чуе дека сум горда, особено на граѓаните, а без граѓани нема горда Македонија”, дополни таа.

Првичните резултати што Државната изборна комисија ги објавува на својата веб-страница покажуваат дека од обработени 87 проценти од гласовите Силјановска – Давкова има 315.638 гласови, пред Стево Пендаровски кандидат на СДСМ и владејачката коалиција со 156.406 гласови.

TRT Balkan / агенции
Популарни