Џафери: Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум е неуставна     Фото: АА

Претседателот на македонското Собрание Талат Џафери ја отфрли иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за референдум за Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Опозицијата со иницијативата побара граѓанско изјаснување за престанок на важење на Законот за ратификација на Договорот, а собранискиот спикер во образложението наведува дека иницијативата е неуставна. „Во член 118 од Уставот на Република Северна Македонија е утврдено дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Во членот 8 став 1 алинеја 11 е утврдено дека темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право. Поради ова доставената граѓанска иницијатива не е прашање по кое може да се распише референдум на државно ниво“, стои во одговорот на Џафери до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе иницијативата пред четири дена. Партијата предложи референдум со прашање „Дали сте за престанок на важење на Законот за ратификација на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија?”.

TRT Balkan
Популарни