Ќе има длабока кадровска промена и промена на организациската поставеност во СДСМ, најави Ковачевски / Photo: СДСМ Фејсбук

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на прес-конференција ја честиташе победата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски како и изборот на Гордана Силјановска Давкова како иден претседател.

Тој се заблагодари на Стево Пендаровски и поддржувачите на СДСМ.

Според него, СДСМ повторно покажа државотворност и одговорност по стоти пат.

„Најлесно беше по толку лажни обвинувања и напади на ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизираме нашето членство за гласање на претседателските избори. Не паднавме во таа замка. Покажавме дека Македонија ни е поважна, секогаш ќе биде така. Денешниот резултат е разочарувачки. Ова е тежок удар за партијата. Ќе ги анализираме причините за овој исход. Не избрзувам со заклучоци. Сите имаме одговорност. СДСМ ќе треба добро да погледне внатре кои се слабостите во последните 4, ако не и 7 години. Повикувам на внатрепартиски избори, почнувајќи од претседателот, па и на сите тела и органи на партијата. Ќе биде свикан конгрес на СДСМ. Партијата мора да се консолидира. Ќе има длабока кадровска промена и промена на организациската поставеност внатре. СДСМ ќе мора да се врати на победничката патека”, кажа Ковачевски.

Тој додаде дека најважно од сè е што треба да направат во иднина за да ја вратат довербата на граѓаните што ја загубија.

„Повикувам на нови избори во партијата и на централно и на локално ниво. Почнувајќи од претседателот на партијата, раководството, претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата. Органите ќе одлучат кога ќе се случи тоа. Процесот не смее да биде долг, но никако неумесен, експресен и стихиен. Тоа ќе го направат само оние кои се спремни да се жртвуваат за партијата и државата. Оние кои немаат никаков „багаж“ зад нив и карактеристики поради кои граѓаните го испратија СДСМ во опозиција“, вели Ковачевски.

Тој додаде дека граѓаните со право се незадоволни од состојбите и од кризите во изминатите години и дека и тоа придонесе за поразот, како и некои, како што се изрази, внатрешни состојби во партијата, иако, како што нагласи, СДСМ и Владата вложија напори, чесно и посветено да им се помогне на граѓаните.

„Постигнавме многу и времето ќе покаже дека бевме на прав пат. СДСМ ќе се однесува одговорно, но топката сега е кај ВМРО-ДПМНЕ. Природниот пат кон ЕУ не смее да запре, а во тој случај и безбедносниот ризик ќе биде голем. Нема назад, мора да се оди напред, местото на Македонија е во ЕУ“, рече Ковачевски.

TRT Balkan / агенции
Популарни