Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и коалицијата влегуваат во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржат на 8 мај, истовремено со единаесеттите парламентарни избори во земјата.
Според 100% обработени податоци од гласовите, ДИК објави дека Силјановска Давкова освои 363,086 гласови, односно 40,08% од вкупниот број гласови, додека Пендаровски освои 180.500 гласови (19,91%).
Трет по освоени гласови од седуммината кандидати е Бујар Османи од коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ, со освоени 121.088, односно 13,37%, потоа Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ со 83. 393 (9,20%), Максим Димитриевски од ЗНАМ со 83.856 (9,26%) гласови, Билјана Ванковска поддржана од Левица со 41.331 (4,56) поддржана од Левица и со најмалку гласови е Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 8.121 гласови (0,90%).
Излезноста во првиот круг од претседателските избори изнесува 48,38 %, односно правото на глас го искористиле вкупно 828.402 граѓани.
Важечки гласачки ливчиња се 789 031, а неважечки 21. 946 гласачки ливчиња.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски оцени дека изборниот ден минал мирно, а граѓаните достоинствено гласале. Сите учесници биле достоинствени, немало проблеми.
Вториот круг се одржува на 8 мај, а за победа во него меѓу другото е потребен и цензус од 40 отсто.
МВР: Изборниот ден помина мирно и без инциденти
Изборниот процес помина мирно и без поголеми инциденти, а за тоа вчера информираа техничкиот министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев.
„Изборниот процес помина мирно и без пречки и поголеми инциденти. Во текот на денешниот ден евидентирани се вкупно 12 случаи на фотографирање на гласачкото ливче, два случаи на кинење на гласачкото ливче, шест пријави за нудење поткуп и 15 пријави за агитирање на гласачко мести. Не се евидентирани други посериозни инциденти и нарушување на регуларноста на изборниот процес“, истакнаа Тошковски и Бојмацалиев на прес-конференција.
Изборниот ден, Тошковски оцени дека поминал во безбедна, мирна и демократска атмосфера.
„Овие избори беа уште еден тест за демократијата и во таа насока, сакам да им честитам на граѓаните кои излегоа и ја исполнија својата граѓанска должност и со тоа уште еднаш го истакнаа демократскиот капацитет на државата и значењето на нивната активна улога во градењето на инклузивно општетсво“, порача Тошковски.
Вчера се одржа првиот круг од седмите македонски претседателски избори.
Граѓаните можеа да гласаат за еден од седуммината кандидати: Стево Пендаровски поддржан од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Билјана Ванковска поддржана од Левица, Бујар Османи од коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Максим Димитриевски од ЗНАМ.
На 3.480 избирачки места во Републиката со право на глас во Избирачкиот список за Претседателските избори се запишани вкупно 1.814.317 гласачи.
Овие избори се карактеристични по тоа што првпат од независноста имаат толку многу кандидати за претседател, изборите се одржуваат в среда, а идентификацијата ќе се врши со фингерпринт апарати. Уникатно е и тоа што кампањата и молкот за претседателските избори се преклопија со кампањата за парламентарните избори на 8 мај.
Претседателските избори, како што информира ДИК ги следат вкупно 1601 набљудувач, од кои 915 домашни и 544 меѓународни набљудувачи, како и 84 преведувачи и 58 странски новинари.
Вториот круг за претседателските избори треба да се одржи на 8 мај заедно со изборите за пратеници во Собранието.
Од независноста на државава на претседателската фотелја седнаа петмина претседатели. Првиот претседател Киро Глигоров и Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандата, а по еден мандат имаа Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и сегашниот актуелен претседател и кандидат за нов мандат Стево Пендаровски.