Џафери ќе остане во парламентот уште три дена како пратеник од ДУИ, а во недела треба да биде избран за премиер на техничката влада / Photo: AA

По премиерот Димитар Ковачевски, денеска, 25 јануари, и претседателот на Собранието Талат Џафери, поднесе оставка од функцијата.

Џафери ќе остане во парламентот уште три дена како пратеник од ДУИ, а во недела (28 јануари) треба да биде избран за премиер на техничката влада што треба да се формира сто дена пред одржување на парламентарните избори закажани за 8 мај.

„Ве известувам, дека согласно член 115 од Деловникот за работа на Собртанието, само што ја поднесов оставката од позицијата претседател на Собранието. Со чувство на гордост и исполнетост зашто во двата мандати бев претседател на сите пратеници и граѓани; работев одговорно, професионално, независно и отчетно пред Вас. Така и ќе продолжам во следниот предизвик“, порача Џафери.

Утре, на пленарна седница на Собранието предвидено е да се констатираат оставките и на Џафери и на Ковачевски, а актуелниот координатор на СДСМ, Јован Митрески, треба да биде избран за нов собраниски спикер.

Со седницата утре, до изборот на Митрески, ќе претседава потпретседателот на Собранието, пратеникот Горан Мисовски.

Според најавените активности, во текот на утрешниот ден новиот претседател на законодавниот дом Митрески ќе го извести претседателот Стево Пендаровски дека Талат Џафери е нов мандатар за формирање влада, а потоа истиот ден шефот на државата ќе му го додели мандатот.

TRT Balkan / агенции
Популарни