Министерот за одбрана на Република Туркије Хулуси Акар се сретна со министерот за одбрана на Хрватска Марио Баножиќ, кој е во посета на Анкара.
На свечената церемонија, заедно со началникот на Генералштабот, генерал Јашар Ѓулер, Акар ги пречека Баножиќ и началникот на хрватскиот Генералштаб, адмирал Роберт Храњ.
Двајцата министри по церемонијата одржаа состанок, а потоа претседаваа со разговорите помеѓу делегациите.
Акар по состанокот истакна дека разговарале за одбранбените и безбедносните прашања.
„Нашите разговори беа исклучително продуктивни и конструктивни. Со задоволство можеме да речеме дека се согласуваме за многу прашања“, рече Акар, напоменувајќи дека Баножиќ е првиот министер за одбрана на Хрватска кој ја посетил Туркије по девет години.
Акар посочи дека земјата е на терен со сите расположливи капацитети веднаш по разорните земјотреси што на 6 февруари ги погодија јужните провинции на Туркије, но и дека многу земји и помогнале на Туркије.
„Во оваа наша борба 91 држава на различни начини даде придонес. Меѓу нив е и Хрватска. Би сакал поради тоа да и се заблагодарам на хрватската Влада, нејзиниот народ, министерот и другите земји на нивната поддршка и придонес“, рече Акар.
Потоа потсети на блиските односи помеѓу Туркије и Хрватска.
„Во текот на минатогодишната посета на Хрватска на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган утврдена е политичката рамка. Во согласност со тоа продолжуваме да ги развиваме нашите врски засновани на доверба помеѓу двете држави. Со министерот за одбрана детално разговаравме за тоа што можеме да направиме во однос на прашањата на одбранбената индустрија. Во контекст на евроатлантската безбедност, согласни сме дека соработката на Туркије и Хрватска во рамките на НАТО дава значителен придонес како на НАТО, така и на регионот. Исто така посебно ја истакнавме важноста на нашата билатерална и регионална соработка во тој поглед“, нагласи турскиот министер за одбрана.
Акар истакна дека разговарале и за борбата против терористичките организации и за случувањата во Украина.
„Повторивме дека Туркије го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет права на Украина од самиот почеток“, рече Акар.
Тој нагласи дека на состанокот е истакната важноста на соработката за одбранбената индустрија помеѓу Туркије и Хрватска.
Додаде дека соработката во областа на одбраната и безбедноста е важна не само за Туркије и Хрватска, туку и за Балканот и за мирот и стабилноста во регионот.
Акар изрази уверување дека посетата, која ја опиша како „важна и значајна“, ќе даде важен придонес за двете земји, регионот, Балканот и НАТО.
Долгогодишни пријатели
Министерот Баножиќ ги опиша Туркије и Хрватска како долгогодишни пријатели.
„Имавме многу конструктивна средба со министерот Акар и заедно потврдивме колку добро напредуваат односите меѓу двете земји“, рече Баножиќ.
Тој уште еднаш изрази сочувство до народот на Туркије поради земјотресот и потсети дека веднаш по земјотресот биле испратени екипи од Хрватска за давање помош.
Истакна дека секогаш се спремни за помошта, и упати благодарност до Туркије за помошта која турските власти ја испратиле до Хрватска по земјотресот кој ја погоди Петриња во 2020 година.
Баножиќ ја оцени како многу добра соработката на двете земји во одбранбената индустрија и го покани министерот Акар на Јадранската воена и воздушна изложба и конференција.
Потоа ги коментираше случувањата во Украина погодена од војна.
„Од почетокот на војната, Хрватска ја брани независноста и територијалниот интегритет на Украина. Исто така, би сакал да кажам дека секогаш ќе и помагаме на Украина“, рече Баножиќ. Исто така тој изрази благодарност на Туркије на политичкото водство и напорите да се заврши војната во Украина и да се постигне примирје.