Алармантен губиток на таленти - државата на петто место по одлив на мозоци / Photo: AA Archive

Според извештајот на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) за 2020 година, земјата се наоѓа во топ 20 во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40% од високообразовниот кадар ја има напуштено државата, а според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, РСМ е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти, објави македонскиот Државен завод за ревизија.

Државен завод за ревизија согласно Годишната програма за работа за 2023 година спроведе ревизија на успешност на тема ,,Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри”.

Целта на ревизијата беше да се даде одговор на прашањето ,,Дали Владата ги испланирала, имплементирала и мониторирала мерките и активностите од Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020, на начин кој би можел да придонесе да се спречи одливот на високообразовани кадри?’’

„Спроведените ревизорски активности и обезбедените ревизорски докази овозможија да стекнеме разумно уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата“, стои во соопштението на Државниот завод за ревизија.

Меѓународните миграции забележуват континуиран раст

Се додава дека во последните неколку децении меѓународните миграции во светски рамки забележуваат континуиран пораст, а денес нивниот обем е поголем од било кога. Тенденцијата кон пораст на емиграцијата на високостручни кадри, како и научен подмладок од одделни факултети, имплицира промени во квалитетот на работната сила и намалување на нивото на човечкиот капитал, а со тоа и негативни ефекти во областа на економскиот развој на земјата и научноистражувачката дејност.

Колку македонски граѓани заминале во странство за неполна деценија?

Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на македонски граѓани кои заминале во странство во периодот 2013-2022 година изнесува 7.861 лице.

Податоците на Државниот завод за статистика за образовната структура на лицата кои ја напуштиле државата покажуваат дека во периодот 2015-2022 година од земјата емигрирале вкупно 719 високообразовани лица.

Забележително иселување

Како што објавија од Државниот завод за ревизија, според добиените податоци од меѓународните организации и земјите на прием, бројот на македонски граѓани коишто престојуваат во странство се зголемува со забележителна стапка. Оваа тенденција искажува сериозни предизвици за државата, вклучувајќи го одливот на високообразовни кадри и потенцијалните ефекти врз економијата и друштвото во целост.

„Според извештајот на ИОМ за 2020 година, земјата се наоѓа во елитната група на топ дваесет земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40% од високообразовниот кадар ја има напуштено државата, а Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, покажува дека земјата е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти“, се вели во соопштението на Државниот завод за ревизија.

Недостаток на активна стратегија за управување со високообразовни кадри

Сепак, во контекст на овие предизвици, се додава во соопштението на ДЗР, недостатокот на активна стратегија за управување со високообразовни кадри во државата уште повеќе ја зголемува загриженоста. „По истекувањето на периодот на важност на Националната Стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри од 2013 до 2020 година, државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри.“

„Од страна на Владата усвоена е Резолуција за миграциона политика, со посебна стратешка цел насочена кон намален интензитет на трајната емиграција во странство на лицата со високо ниво на образование, но за истата не е воспоставен мониторинг на имплементацијата на мерките и активностите, а воедно усвојувањето на нови стратешки документи се врши без претходно оценување и евалуација на резултатите“, се вели во соопштението на Државниот завод за ревизија.

Национална стратегија за вмрежување, соработка и спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри 2013-2020 е единствениот стратешки документ за јавни политики во којшто директно се адресира прашањето за „одливот на мозоци“. Оваа стратегија не е објавена во Службен весник и на веб страната на МОН, а отсуството на поткрепувачка документација за начинот на планирање и изработка на Стратегијата, не обезбедува веродостоен податок за вклученоста на сите релевантни институции во креирањето на стратешкиот документ.

Иако со усвојувањето на Стратегијата и Акцискиот план за 2013/2014 година беа дефинирани цели, мерки и активности за намалување на емиграцијата на високообразовни кадри, со извршената ревизија се утврди низок степен на нивна имплементација. Ваквата состојба се должи на недоволна координација меѓу институциите и носителите на мерки, како и на не формирана работна група во рамките на Министерството за образование, која треба да воспостави национален систем за полесно следење и управување со движењето на високообразовани поединци од земјата.

ДЗР нотира забелешки

Не е воспоставен функционален систем за следење и управување со интелектуалната емиграција во земјата, поради невоспоставена мрежа или база на податоци на високообразовани лица кои живеат и работат во странство и неизвршена анализа на состојбите со миграцијата на високообразовен кадар, со бројот на емигрирани лица, образовен профил, старосен профил, со адресирање на причините за емиграција, наведуваат од. Државниот завод за ревизија.

Меѓу другото, истакнуваат дека се доделуваат стипендии за втор и трет циклус на студии во странство без извршена анализа и утврдување кои студиски програми се од јавен интерес за државата и ќе бидат предмет на стипендирање. Од друга страна МОН нема воспоставено ефикасен систем за следење дали студентите ги имаат исполнето обврските согласно објавениот конкурс и склучените договори.

Врз основ на извршената анализа ревизијата утврди значителни разлики помеѓу бројот на одобрени квоти и бројот на запишани студенти, што укажува на недостаток на анализи за реално креирање на уписната политика, насочена кон усогласување на понудата и побарувачката и во корелација со политиките за економски развој на државата, велат од Државниот завод за ревизија.

TRT Balkan
Популарни