Република Албанија одлучи да ги прекине дипломатските односи со Иран, како одговор на сајбер нападите што беа извршени на веб-страниците на Владата на таа земја во јули оваа година.
Албанскиот премиер Еди Рама во средата на социјалните мрежи ја потврди одлуката на Владата на Албанија да ги прекине дипломатските односи со Иран.
„Опсежната истрага обезбеди непобитни докази дека сајбер агресијата врз земјата била организирана и спонзорирана од Исламската Република Иран“, рече Рама во видео пораката.
Тој потсети дека на 15 јули Албанија беше цел на „сериозен сајбер напад чија цел беше уништување на дигиталната инфраструктура на Владата на Албанија и парализирање на јавните услуги, како и кражба на податоци и електронски комуникации од владините системи“.
„Нападот не ја постигна својата цел. Во споредба со целите на агресорите, штетата може да се смета за мала. Сите системи се вратени на работа и ништо не е неповратно изгубено“, рече албанскиот премиер.
Рама додаде дека Советот на министри на Албанија веднаш донел одлука за прекин на дипломатските односи со Иран.
Одлуката е соопштена во дипломатска нота до Амбасадата на Исламската Република Иран, од која било побарано „сиот дипломатски, техничко-административен и безбедносен персонал да ја напушти територијата на Република Албанија во рок од 24 часа“.
„Истрагата докажа дека сајбер агресијата врз нашата земја била оркестрирана и спонзорирана од Исламската Република Иран, која ангажирала четири групи да ја нападнат Албанија. Меѓу нив е и една од најозлогласените сајбер терористички групи. Ги информиравме нашите стратешки сојузници, земјите-партнери на НАТО и неколку други пријателски земји, со кои исто така ги споделивме непобитните резултати од истрагата што го докажува изворот на агресијата врз нашата земја“, рече Рама.
Тој додаде дека оваа последна мерка „воопшто не е барана, туку е целосно принудена“ и дека е во целосна пропорција на сериозноста и опасноста од сајбер нападот, кој се закануваше да ги парализира јавните служби, да ги избрише системите и да ги украде државните податоци, кои може да поттикне несигурност и хаос во Албанија.
Потсетуваме, албанскиот премиер во јули изјави дека сајбер нападите кои беа извршени на веб-страниците на Владата на Албанија не се организирани од обични хакери, туку од една држава.
Албанската Национална агенција за информатичко општество (АКШИ) тогаш објави дека сите јавни интернет сервиси и владини веб-страници биле затворени по синхронизиран сајбер напад надвор од земјата.