Премиерот на Албанија, Еди Рама, денес соопшти дека на францускиот претседател Емануел Макрон и на германскиот канцелар Олаф Шолц им го проследил нацрт-документот за Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) во Косово.
Рама на прес-конференција говореше за неодамнешните тензии на северот на Косово, за дијалогот меѓу Косово и Србија, како и за прашањето за Заедницата на општини со српско мнозинство.
„Вчера го проследив нацртот за Заедницата до Шолц и Макрон, за што го известив и Шарл Мишел и американската страна. Станува збор за нацрт на кој долго време работеа врвни американски и европски експерти, а кој е направен во случај да дојде до овој ден, кога страните не можат да се договорат ни кој да го напише текстот, а камоли што ќе содржи тој“, рече Рама.
Додаде дека документот е доверлив и дека е „документ од највисоко меѓународно ниво кој ги зема предвид сите причини за формирање на Заедницата“, и дека таа ќе биде дел од Косово.
„Сакам и се надевам дека овој материјал ќе биде корисен за да се подигне дијалогот на уште едно ниво и страните да разговараат за конкретни работи, работи кои се однесуваат на успешно завршување на дијалогот. Србија го изгуби Косово во 1999 година и Србија нема моќ на Косово да допре едно влакно“, рече Рама.
Албанскиот премиер изрази уверување дека формирањето на Заедницата е клучот за конечно отворање на вратата за меѓународно признавање на Република Косово.
„Ситуацијата на северот на Косово, за жал, поприма размери на политичка трагедија за Република Косово. Изјавите на нашите стратешки сојузници во врска со оваа ситуација се сè поалармантни, и искрено неразбирлива е причината за колебањето на косовските власти ситуацијата да се деескалира, во која очигледно секој ден и секој час Косово е најголемиот губитник“, рече Рама.
Тој додаде дека Србија го прави она што го правела и претходно, додека Косово прави нешто што никогаш претходно не го правело и дека сега, како никогаш претходно, „сите стратешки сојузници на албанскиот народ универзално го обвинуваат“.