Турскиот произведувач на дронови Бајкар објави дека е потпишан договор за извоз на дронови со Албанија.
„Потпишавме договор со Албанија за извоз на Бајрактар ТБ2, борбено беспилотно летало“, објави „Бајкар Технолоџис“ (Baykar Technologies) на социјалната мрежа Твитер.
Бројот на држави во кои се извезуваат турските борбени дронови Бајрактар ТБ2 сега е зголемен на 27. Халук Бајрактар, извршниот директор на Бајкар, објави на Твитер дека Туркије и Албанија имаат силни врски од минатото.
„Потпишавме договор за извоз со Албанија со која со векови имаме силни историски, културни и човечки врски.“
Бајрактар исто така сподели фотографии од церемонијата на потпишување на договорот.
Угледот и меѓународната побарувачка за турските дронови Бајрактар ТБ2 и Бајрактар Акинџи се зголемија ширум Европа од почетокот на војната на Русија против Украина во февруари оваа година.
Србија во април исто така ја потврди намерата да ги купи турските борбени беспилотни летала, кои се многу барани ширум светот.
Бројни земји, вклучувајќи ја Украина, Катар и Азербејџан, веќе ги купија турските дронови, а Полска минатата година стана првата држава членка на Европската унија и НАТО која ги набави дроновите од Туркије.
Турскиот борбен дрон Бајрактар ТБ2 се смета за клучен во судирите од Карабах до Украина.
Луѓето во неколку земји почнаа кампањи за собирање средства со цел купување повеќе такви дронови за вооружените сили на Киев за да и помогнат на Украина во борбите против Русија.