Руски и украински држјавјани се обиделе да влезат во воен објект во Албанија     Фото: АА

Инцидент се случи во воен објект во Албанија, каде според албанските власти, тројца руски и украински државјани се обиделе да влезат во објектот, а употребиле и неопарализирачки спреј, при што се повредени двајца албански војници.

Според соопштението од Министерството за одбрана на Албанија, инцидентот се случил вчера во воениот објект во градот Грамш, кој се наоѓа во округот Елбасан.

„Службениците кои го обезбедувале погонот веднаш реагирале, но во текот на напорите да се спречат 3-те странски државјани, повредени се двајца наши војници, кои се под грижа на лекари“, се вели во соопштението.

Меѓу другото, Министерството за здравство и социјална заштита на земјата соопшти дека двајцата војници повредени во случајот се во стабилна состојба и се наоѓаат во Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ во Тирана.

Како што соопштија од Министерството за одбрана на Албанија, странските државјани се приведени од страна на властите и продолжуваат работите за расветлување на случајот.

Рама: Горди сме на војниците

По настанатиот случај, преку социјалните мрежи реагираше и премиерот на Албанија, Еди Рама.

„Горди сме на војниците кои ги неутрализираа трите лица осомничени за шпионажа. Посакувам брзо закрепнување на повредените и сега да го чекаме целосното разоткривање на случајот“, истакна албанскиот премиер Рама.

Приведени чешки државјани, фотографирале во воен објект

Албанската полиција извести и за друг случај во врска со воен објект, кој бил предмет на интерес на странски државјани. Полицијата приведе четворица чешки државјани осомничени дека фотографирале во воен објект во округот Берат, на југот на земјата.

Според властите, првично во еден од тунелите кај објектот во Поличан со фото-камера биле откриени движења на неидентификувани лица.

Во врска со случајот реагираше и Министерството за одбрана на Албанија, кое преку соопштение потврди дека чешките државјани се приведени од страна на полицијата и дека во моментот продолжуваат понатамошните постапки.

AA
Популарни