Дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на Европската Унија треба да се фокусира на постигнување конечен договор, оценува Косовскиот демократски институт (КДИ).     Фото: АА

Дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на Европската Унија треба да се фокусира на постигнување конечен договор, оценува Косовскиот демократски институт (КДИ) во анализата „Дијалогот на Косово и Србија: Чекор напред, три чекори назад”.

Како што наведува КДИ покрај на конечниот договор, косовската страна би требало да се фокусира и на внатрешниот дијалог со српската заедница на Косово и да биде потранспарентна и поодговорна во односот кон Собранието и јавноста во насока на правилно информирање за дијалогот.

Виолета Хаџоли од КДИ на презентацијата на анализата истакна дека граѓаните на Косово за тоа што се случило на состанокот меѓу премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ на 18 август не биле информирани од соодветни извори на информации како што беше прес конференцијата на Вучиќ во Белград.

Хаџоли истакна дека продолжувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија останува важен фактор за надворешната политика на Косово, но и за стабилноста на регионот.

„И покрај бројните договори во текот на првата половина од процесот дијалогот произведе нејаснотии, додека двете земји се уште немаат постигнато конечен договор. Разговорите беа главно на теми од технички карактер. За нив се разговараше повторно и повторно во зависност од развојот на случувањата на терен”, рече Хаџоли.

Таа истакна дека по многу напори двете страни се договориле за мапата за примена на енергетскиот договор, но дека изгледа и овој пат продолжила праксата на неспроведување бидејќи Србија не ги спровела обврските според утврдените рокови.

Од КДИ наведуваат дека паралелно со продолжувањето на процесот на дијалог Владата на Косово мора во пракса да ја спроведе долгогодишната идеја за внатрешен дијалог со српската заедница на Косово со цел нејзина интеграција.

„Владата треба да организира систематски информативни кампањи на терен кои ги надминуваат објавите на социјалните мрежи. Во таа насока треба да постои соработка со српските општини за потребните информации да дојдат и до српската заедница”, изјави Хаџоли, алудирајќи на видео пораките во кои Курти се обрати на српски јазик.

Премиерот Курти и претседателот Вучиќ се сретнаа минатата недела во Брисел во обид да пронајдат решение по блокадите на северот на Косово од страна на српското население поради одлуката на Владата на Косово да воведе реципроцитет на српските лични документи и да започне со пререгистрација на возилата со српски регистарски ознаки кои имаат ознаки на косовските градови на РКС таблиците.

Курти и Вучиќ не успеаа да постигнат договор. Затоа денеска на Косово пристигнува американскиот престатвник за Западен Балкан Габриел Ескобар.Според најавите, ќе го придружува претставникот на Европската Унија за дијалог Мирослав Лајчак. Ескобар и Лајчак по Приштина ќе го посетат и Белград.

По тензиите на северот на Косово на 31 јули косовската влада во консултација со меѓународните паертнери, ја одложи примената на мерката за 1 септември.

AA
Популарни