Во главниот град на Албанија, Тирана, се одржа антивладин протест, на кој повикаа претставниците и пратениците на најголемата опозициска партија - Демократската партија на Албанија, против како што велат, поскапувањето и високите даноци.
Илјадници демонстранти кои дојдоа од различни градови во земјата се собраа пред Владата на Албанија, каде го одржаа антивладиниот протест.
„Албанија во опасност“, беше паролата на протест, на кој опозициските политичар, претставници на граѓански организации, активисти и студенти, порачаа дека „Денес Албанија се враќа во нивни раце“, како и дека мора да ја земат „судбината на Албанија во свои раце“.
Меѓу говорниците на протестот беше и поранешниот премиер на Албанија Сали Бериша, кој истакна дека „ „Албанија е во опасност бидејќи нејзината иднина е во опасност“.
„Дојдовте од илјадници километри подалеку, од САД, Европа, за да се приклучите на фронтот за спас на Албанија. Благодарност до момчињата и девојките, жените и мажите кои оставија сè и се приклучија на протестот, станувајќи извор на светлина и надеж за сите Албанци“, рече Бериша.
Стотици дополнителни полициски сили беа распоредени за време на протестот, кој траеше неколку часа, при што не беа забележани инциденти.
Последниов месец во Албанија има поскапување на горивата, но и на одредени прехранбени производи. Граѓанските организации, претставници на опозициски партии и граѓаните бараат мерки со кои ќе реагираат институциите со цел за да се спречи поскапувањето, но и намалување на цените, при што повикаа на продолжување на протестите.