Дали може да се штеди во услови на криза? Ако се анализира според податоците за депозитите на граѓаните од земјите во регионот кои ги имаат во банките, одговорот е да. Заштедите и во домашните валути и во девизи се мерат во милијарди. Речиси кај сите земји од регионот на Западен Балкан има раст на депозитите. ТРТ Балкан дава преглед на тоа кој колку успеал да заштеди во турбулентен период на воена и енергетска криза.
Пет милијарди евра депозити во Косово
Косовскиот министер за финансии Хекуран Мурати пред неколку дена соопшти дека вложувањето во косовскиот банкарски систем на крајот на јули достигнало рекордно ниво и депозитите изнесувале речиси пет милијарди евра. Според Мурати, тоа најмногу се должи на големиот прилив од иселениците кои летото го посетија Косово.
„Се забележува извонредниот придонес на нашето иселеништво во јули, тогаш кога почнува нивното масовно враќање во татковината. На крајот на јули нивото на влогови во валутата евро изнесуваше 4,88 милијарди евра”, напиша Мурати на Фејсбук.
Во Северна Македонија повеќе се штеди во денари
Најголем раст во заштедите во последните десет години има и во случајот со заштедите во Северна Македонија.
„Вкупниот финансиски имот на домаќинствата кој покрај депозитите во банките ги вклучува и другите облици на штедење и вложување како вложување во домашни и странски хартии од вредност, средствата во пензиските и инвестициските фондови, готовите пари, заклучно со крајот на 2021 изнесува 8,5 милијарди евра”, соопшти Нардоната банка на Северна Македонија.
По основ на депозити македонските граѓани во банките на крајот на јуни имале заштеди во денари во износ од нешто над 5 милијарди евра. Депозитите во евра изнесуваат 2,6 милијарди.
Граѓаните на БиХ со депозити од 7 милијарди евра
Вкупните депозити во Босна и Херцеговина на крајот на јули изнесувале 28,1 милијарди конвертибилни марки или околу 14 милијарди евра. Од нив 7 милијарди евра отпаѓаат на депозити на граѓаните
Сепак, според податоците на Централната банка на Босна и Херцеговина во јули оваа година во однос на јуни кај депозитите на граѓаните имало намалување од 3 отсто .
Зголемување има во вкупниот износ на депозити. Ова зголемување изнесува 273,6 милиони конвертибилни марки или околу 140 милиони евра.
Над пет милијарди евра раст за една декада во Србија
И во Србија заштедата на граѓаните во првата половина на 2022 забележала раст. Според податоците на Народната банка на Србија тоа е доказ за довербата на граѓаните во српскиот финансиски систем. Податоците од НБС велат дека заштедата во динари е во пораст последните десет години и на крајот на јуни достигна ниво од 85,9 милијарди динари.
Голем раст има и во заштедата во евра во последните десет години. Депозитите на граѓаните во првата половина од 2012 изнесувала 7,9 милијарди евра, а 13,2 милијарди евра првата половина од 2022 година што е раст за околу пет милијарди евра.
Рекордни депозити и во Албанија
Информациите од Националната банка на Албанија велат дека вкупната заштеда во банките во државата во јули изнесувала 5,8 милијарди евра. Од нив заштедата на домаќинствата е 1,4 милијарди евра.
Кога станува збор за вкупните депозити во леки на државата, приватниот сектор, домаќинствата ... тие изнесуваат 700 милијарди леки или 6 милијарди евра. Од овој износ околу 25 отсто или 1,8 милијарди евра отпаѓаат на депозити на граѓаните.
Зголемување од 600 милиони евра во Црна Гора
Значителен раст на вкупните депозити има и во Црна Гора. За седум месеци во 2022 пораснале за 600 милиони евра и на крајот на јуни изнесувале 4,46 милијарди евра. Една третина од овие депозити или речиси 1,5 милијарди евра им припаѓаат на граѓаните.