Високата младинска невработеност и високата младинска неактивност се едни од најголемите кочници што го спречуваат развојот на земјите од балканскиот регион. Ова е двоен проблем бидејќи истовремено ја поттикнува и миграцијата на младите, претежно во земјите од Западна Европа.
Во очи на Светскиот ден на младите, 12 август, од Меѓународната организација на трудот, специјализирана организација на Обединетите Нации (ОН), излегоа со најновиот извештај „Глобални трендови за вработување 2022“. Извештајот меѓу другото покажува дека пандемијата од Ковид 19 најмногу ги погодила младите кога станува збор за невработеноста. Глобалната стапка на невработеност кај младите се предвидува да биде 14,9 отсто во 2022 година, но не секаде проблемот е еднакво изразен.
Според податоците на оваа организација, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија имаат највисока стапка на младинска неактивност во регионот, односно процент на млади од 15 до 24 години кои се надвор од пазарот на трудот, кои не се дел од образовниот процес и не се дел од некаков процес на обука. Овие земји се и на самиот европски врв по младинска неактивност.
Албанија има стапка на младинска неактивност од 27,7 отсто, Босна и Херцеговина 21,8 отсто, Црна Гора 21,1 отсто и Северна Македонија има младинска неактивност од 20,6 отсто.
Србија е нешто подобра со 16,2 отсто неактивно младо население, а Хрватска со 12,2 отсто. Од земјите во регионот, само за Косово нема податоци.
Од Меѓународната организација на трудот велат дека во многу земји, ситуацијата со работната сила на младите е загрижувачка.
„Кога не се вработени, младите се соочуваат со потешкотии при пристапот до пазарот на трудот. Ова се рефлектира во високите стапки на невработеност кај младите, високите стапки на неактивност и честопати тешката транзиција од училиште на работа“, велат од Меѓународната организација на трудот.
73 милиони невработени млади во светот
Од организацијата велат дека во 2022 година има подобрување на ситуацијата кога станува збор за младинската невработеност, но сепак, состојбата е далеку на нивото како од пред пандемијата.
„Пандемијата ги влоши бројните предизвици на пазарот на труд со кои се соочуваат оние на возраст меѓу 15 и 24 години, кои доживеале многу поголем процент на загуба во вработувањата отколку возрасните од 2020 година. Се проценува дека вкупниот глобален број на невработени млади ќе достигне 73 милиони во 2022 година, што е благо подобрување од 2021 година (75 милиони), но сепак шест милиони над нивото пред пандемијата од 2019 година“, се вели во извештајот.
Жените во полоша позиција
Во 2022 година, 27,4 отсто од младите жени на глобално ниво се предвидува дека ќе бидат вработени, во споредба со 40,3 отсто од младите мажи. Тоа значи дека младите мажи имаат речиси 1,5 пати поголеми шанси да бидат вработени од младите жени.
Родовиот јаз, кој покажа мали знаци на затворање во последните две децении, е најголем во земјите со пониски приходи- 17,3 отсто, а најмал во земјите со високи приходи-2,3 отсто.
Последици од војната во Украина
Во Европа и Централна Азија се предвидува дека стапката на невработеност на младите ќе биде за 1,5 отсто повисока од светскиот просек во 2022 година – 16,4 отсто наспроти 14,9 отсто.
„Постигнат е значителен напредок во намалувањето на невработеноста кај младите - и кај жените и кај мажите - но реалните и потенцијалните шокови од војната во Украина многу веројатно ќе влијаат на резултатите“, заклучуваат од меѓународната организација.
Нови перспективи
Младите жени и мажи ќе корист од проширувањето на зелените и сините економии (океански ресурси и нивното одржливо користење). Според извештајот, до 2030 година би можеле да се отворат дополнителни 8,4 милиони работни места за млади преку имплементација на мерките на зелената и сината политика.
Целните инвестиции во дигитални технологии, исто така, би можеле да апсорбираат голем број млади работници. Во извештајот се проценува дека постигнувањето универзална широкопојасна покриеност со Интернет до 2030 година може да доведе до зголемување на вработеноста од 24 милиони нови работни места ширум светот, од кои 6,4 милиони би биле преземени од млади луѓе.
„Она што им е најпотребно на младите е добро функционирање на пазарите на трудот со пристојни можности за работа за оние кои веќе учествуваат на пазарот на трудот, заедно со квалитетно образование и можности за обука за оние што допрва треба да влезат на него“, заклучува Марта Њутн, заменик генерален директор за политики во Меѓународната организација на трудот.