Последователните здравствени, економски и политички кризи постојано ја погодуваат економската стабилност на Балканот. За време на пандемијата од Ковид-19, голем грој мали бизниси се затворија, додека десетици илјади луѓе ширум Западен Балкан ги загубија своите работни места.
Како што започна економското закрепнување, откако помина врвот на пандемијата и беа укинати ограничувањата за движење, војната во Украина предизвика дополнителна енергетска криза и инфлација низ Европа, вклучително и на Балканот. Тоа влијае на намалувањето на инвестициите од страна на претприемачите и е уште еден удар врз економското закрепнување и трендот на вработеност.
ТРТ Балкан ви пренесува анализа за стапката на невработеност во земјите од Западен Балкан. За повеќето земји податоците се од вториот квартал годинава, со исклучок на Косово, кое ги има најновите податоци за 2021 година. Сепак, се очекува реалните ефекти од неодамнешните кризи да се почувствуваат во наредните квартали.
Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина со најголема невработеност
Меѓу земјите во регионот, Црна Гора води со највисока стапка на невработеност. Според податоците на црногорската агенција за вработување, невработени се 19,08 отсто од населението на возраст од 15 до 64 години. Во бројки, вкупно 44.265 граѓани на Црна Гора се невработени, додека жените сочинуваат околу 60% од бројот на невработени.
И Косово има релативно висока стапка на невработеност, со 17,7 отсто од активното население кое е невработено. Вкупно 89.171 граѓани од оваа категорија се невработени во Косово, додека мнозинството се мажи, вкупно околу 55.000 граѓани.
Слично ниво на невработеност како на Косово е регистрирано и во Босна и Херцеговина. Според податоците на Агенцијата за статистика во Сараево, 17,4 отсто од работоспособните граѓани се невработени. Невработени се 360.434 граѓани на Босна и Херцеговина, додека жените сочинуваат околу 58% од оваа бројка.
По Србија, со најмала невработеност следат Албанија и Северна Македонија
Србија забележа најмала невработеност од сите земји во регионот. Државниот завод за статистика во Србија објави дека стапката на невработеност во земјата е 8,9 отсто, со вкупно 287.200 невработени лица. Жените го сочинуваат мнозинството од невработеното население во Србија, со околу 148.000 жени наспроти околу 139.000 мажи.
Стапката на невработеност во Албанија, според Националниот институт за статистика, е 11,1 отсто. Во Албанија е забележано дека младите на возраст од 15-29 години се најзастапена група во категоријата невработени. Жените го сочинуваат мнозинството од вкупниот број луѓе без активна работа.
Во Северна Македонија, вкупно 119.699 работоспособни луѓе немаат работа. Официјалната стапка на невработеност е 14,5%. Речиси 2/3 од невработените граѓани во Северна Македонија се мажи.
Песимистички предвидувања за иднината
Светската организација на трудот предупреди дека финансиските ограничувања во светот, особено во земјите во развој, дополнително ќе ја влошат стапката на вработеност.
Економските превирања предизвикани од војната во Украина и влијанието на построгата монетарна политика врз потрошувачката се очекува значително да ја намалат вработеноста, се вели во нивниот извештај. Постпандемиското закрепнување ќе биде неутрализирано со нови кризи.
Слична ситуација се очекува и на Западен Балкан. Многу компании веќе почнаа да ги намалуваат сегашните или планираните вработувања.
Западен Балкан се очекува да биде погоден уште повеќе, бидејќи стапката на невработеност во овие земји беше над европскиот просек.