Укинувањето на ограничувањата од пандемијата влијаеше на зголемувањето на бројот на туристи во некои крајбрежни земји на Балканот.

Туристичката сезона во дел од крајбрежните земји од регионот ги надмина дури и бројките од 2019 година, односно пред пандемијата од Ковид-19, чии последици се чувствуваат и денес врз здравствените национални системи, но и врз економските текови и секојдневното живеење.

Поскапувањето на храната, хотелите и лежалките на плажите не беше причина брегот на Јадранското и Јонското Море да останат празни. Укинувањето на ограничувањата од пандемијата влијаеше на зголемувањето на бројот на туристи во некои крајбрежни земји на Балканот. Хрватска и Албанија бележат пораст на туристи, но не и Црна Гора, која во изминатите години и оние пред пандемијата се потпираше на туристи од Руската Федерација.

Албанија ја надмина 2019 година

Статистичките податоци покажуваат дека бројот на посетители во текот на јуни и јули ги надминаа бројките од периодот пред пандемијата во Албанија, поточно 2019 година.

Врз основа на податоците на Институтот за статистика на Република Албанија, во јуни 2019 година, кога зборот „коронавирус“ не се нѝ користеше, на јадранските и јонските плажи имаше 630.000 туристи.

Споредено со истиот период, годинава се регистрирани 876.000 туристи, односно 246.000 повеќе од 2019 година. Значително поместување на бројот на туристи е забележано и во јули годинава. Во Албанија во јули престојувале над 1,4 милиони туристи. Во меѓувреме, во јули 2019 година, бројот на туристи беше близу 1,2 милиони посетители.

Хрватска блиску до рекордот од 2019 година

Според податоците од системот eVisitor и eCrew, Хрватска во првите осум месеци од оваа година ја посетиле 15 милиони туристи, кои оставиле 86,6 милони ноќевања. Тоа значи дека оваа година за повеќе од 40 отсто е зголемен бројот на туристите во споредба со 2021 година, а бројот на ноќевањата на туристите во споредба со истиот период е зголемен за 27 отсто.

Статистиката покажува дека во првите осум месеци од 2022 година достигнати се 91 отсто од бројот на туристите што ја посетиле Хрватска во предпандемската 2019 година. Бројот на ноќевањата на туристите годинава во оваа земја изнесува 96 отсто од ноќевањата во 2019 година.

Туристи од Германија, Словенија и Австрија ја сочинуваат првата тројка од најголемиот број туристи кои одлучиле летото да го поминат во Хрватска.

Оптимистички податоци и во Црна Гора


Постпандемискиот туризам во Црна Гора, според сите прогнози, нема да ја надмине 2019 година. Во годината пред ширењето на коронавирусот, Црна Гора успеа да привлече 1,14 милијарди евра од туризмот. Туристичките организации во Црна Гора, пак, се оптимисти дека во текот на оваа сезона, која е при крај, ќе достигнат 85 отсто од приходите од 2019 година.

И покрај руско-украинската војна, туристи и годинава има на брегот на Црна Гора од овие две земји. Сепак, поголем пораст е забележан кај туристите од Велика Британија и Германија, особено во градот Бар.

TRT Balkan
Популарни