Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев престојува во официјална посета на Албанија / Фото: AA

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, оствари официјална посета на Албанија, при што со високи државни почести беше пречекан од страна на претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, со кој на крајот на средбата одржаа заедничка прес-конференција.

Бегај рече дека разговорите со неговиот колега биле особено фокусирани на потребата од определување на областите од заеднички интерес и на конкретните начини за продлабочување на соработката.

Тој истакна дека Тирана отсекогаш го поддржувала територијалниот интегритет на Азербејџан и ги спроведувала резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

„Следната година се одбележува 30-та годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Албанија и Азербејџан, а тоа ни дава можност да ја видиме 2023 година како година кога нашата соработка треба да се интензивира и да постигне нов развој. Разговаравме и за предлогот на азербејџанската страна за отворање амбасада во нашата земја. Ова е предлог што го поздравуваме и го цениме како знак на консолидација на односите и потреба од забрзување на темпото на соработка како две пријателски земји“, рече тој.

Поблиска соработка

Бегај нагласи дека Албанија има за цел да има поблиска соработка, особено во важни сектори како што се енергетиката и инфраструктурата, туризмот, земјоделството и производството, и дека енергетската и гасната инфраструктура стануваат сè поважни за сите земји.

„Јадранско-јонскиот гасовод ИАП, преку ТАП, ја поврзува Албанија со Црна Гора, Хрватска и Босна, претворајќи ја нашата земја во регионален дистрибутер и диверзификатор на гас; со геостратешко значење на регионално и европско ниво. Соработката меѓу двете наши земји, преку големиот проект ТАП, беше успешна. Имаме многу да научиме и да го искористиме искуството и инвестициите на Азербејџан на ова поле. Албанија, како транзитна земја во рамките на ТАП, има за цел да се претвори во земја која има корист од преносот на гас“, рече Бегај.

Според него, тој го уверил Алиев дека надворешната политика на Албанија поддржува долгорочен мир во регионот на Јужен Кавказ, решавање на споровите преку дипломатија и дијалог, со посредство на меѓународни актери, како што се ЕУ, ОН и ОБСЕ.

Гасот од Азербејџан носи енергетска безбедност на Европа

Од друга страна, Алиев рече дека неговата посета на Албанија докажува дека политичкиот дијалог има многу добри хоризонти и многу добра динамика.

„Нашата успешна соработка во меѓународните организации ги зајакнува нашите врски, нашите односи“, нагласи тој.

Обраќајќи му се на претседателот Бегај, Алиев рече: „Рековте дека Албанија е поддржувач на територијалниот интегритет на Азербејџан и оваа поддршка отсекогаш била заемна. Ние високо ја цениме оваа поддршка, без разлика дали е во фаза на окупација или во фаза на војна во Карабах.“

Осврнувајќи се на конфликтот во Карабах, Алиев истакна дека резултатот од Втората карабахска војна е ослободување на териториите на предците и враќање на нормите на меѓународното право, додавајќи дека резолуциите на ОН не се спроведени.

„Ерменија дури и не покажа интерес за спроведување на резолуциите, всушност ги игнорираше, и меѓународната заедница едноставно ги затвори очите кон тоа“, нагласи Алиев.

Тој истакна дека разговарале за соработката во областа на гасот, како за успесите, така и за работата во иднина.

„Што се однесува до снабдувањето со гас, Албанија и Азербејџан се членки на проектот ТАП, а исто така и во спроведувањето на Јужниот гасен коридор нашите земји соработуваа многу успешно. Во моментов, природниот гас на Азербејџан придонесува за енергетската безбедност на Европа“, додаде азербејџанскиот претседател.

Во рамки на посетата на Албанија, Алиев ќе се сретне и со премиерот на Албанија, Еди Рама.

AA
Популарни