Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, оцени дека посетата на министерката за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Аналена Баербок е исклучително важна и уште еден показател за силната поддршка на Сојузна Република Германија на државата Босна и Херцеговина.
По повод синоќешната средба во Претседателството на БиХ, од Кабинетот на Беќировиќ соопштија дека тој истакнал дека Босна и Херцеговина ги дефинирала надворешнополитичките цели- членството во ЕУ и НАТО.
„Во оваа смисла, би било важно Европскиот совет да донесе одлука за отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина овој месец. Донесувањето одлука за почеток на преговори би било стимулативно за Босна и Херцеговина на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, но и големо охрабрување за граѓаните на нашата земја“, рече Беќировиќ.
Се додава дека тој детално ја информирал Баербок за антидејтонските и антиуставните активности на Милорад Додик, претседателот на ентитетот на БиХ, Република Српска. наведувајќи:
„Се додека тие го загрозуваат мирот и државата Босна и Херцеговина, важно е да имаме цврста соработка меѓу меѓународната заедница и домашните власти во запирање на сепаратистичката политика“.
За време на разговорот, тој укажа на блиските и сестрани економски, политички, културни и други врски меѓу Босна и Херцеговина и Германија, која е еден од најважните надворешно трговски партнери, како и дека во последните години евидентиран е дополнителен раст на трговската размена меѓу двете земји.
„Многу е важно што министерката Баербок, цврсто и безрезервно ја поддржа независноста и суверенитетот на Босна и Херцеговина, укажувајќи на погубноста на политиката која се залага за промена на државните граници во Европа. Посебно треба да се нагласи дека министерката е исклучително добро запознаена со околностите во нашата земја и дека јасно ги означи политичарите кои не постапуваат согласно Дејтонскиот мировен договор“, додаде Беќировиќ.