Шведска и Босна и Херцеговина имаат силни односи, кои ѝ ги должиме и на босанскохерцеговската дијаспора во Шведска. Многу шведски компании инвестираат во БиХ, изјави министерот за надворешни работи на Кралството Шведска, Тобијас Билстром.
Билстром престојува во официјална посета на Босна и Херцеговина, а денес се сретна со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ.
„Шведска и Босна и Херцеговина имаат силни односи што ѝ ги должиме и на босанскохерцеговската дијаспора во Шведска. Многу шведски компании инвестираат во БиХ. Ја повторуваме посветеноста на Шведска за продолжување со нашите одлични односи и соработка“, рече Билстром на прес-конференцијата.
Тој додаде дека за време на средбата со министерот Конаковиќ разговарал за ситуацијата во Европа, Западен Балкан и Босна и Херцеговина.
„Шведска на 1 јануари го презеде претседавањето со Европскиот совет во историски момент што пред ЕУ става голем број предизвици поради руската агресија врз Украина. Сега е уште повеќе потребно земјите што се насочени кон иста цел и кои го почитуваат светскиот поредок заснован врз правила да соработуваат уште поблиску“, рече Билстром и додаде:
„Земјите од Западен Балкан се суштински важен партнер и само заедно можеме да развиеме стабилна Европа заснована врз заеднички вредности. Поради новонастанатата безбедносна ситуација во Европа, значењето на земјите од Западен Балкан само дополнително се зголеми. Само заедно можеме да изградиме подобра Европа за сите.“
Истакна дека поради безбедносната ситуација, Шведска секако ја поздравува одлуката на Европскиот совет за доделување кандидатски статус на БиХ.
„Ова е голема можност за вашата држава и се надеваме дека ќе ја искористите максимално. Кандидатскиот статус доаѓа и со зголемени очекувања во поглед на реформите и усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што подразбира и рестрикции кон Русија“, рече Билстром и додаде:
„За жал, и покрај позитивните сигнали на државно ниво, на тоа се спротивставуваат сигналите од Република Српска. ЕУ е длабоко загрижена поради неодамнешните чекори преземени за криминализирање на клеветата во рамките на законот за невладини организации. Доколку се усвојат овие закони, тоа ќе претставува чекор назад во европскиот пат на Босна и Херцеговина. Повторените закани за отцепување, исто така, се неосновани и само придонесуваат за недоверба и тензии и тоа во момент на криза во Европа кога се потребни стабилност и соработка.“
На крајот јасно порача дека Босна и Херцеговина ѝ припаѓа на Европската Унија.
„Не постои алтернатива за тоа. Меѓутоа, за тоа да стане реалност вие мора да направите напредок за четиринаесет клучни приоритети, а Шведска и ЕУ ќе продолжат да стојат покрај вас и да ви даваат поддршка“, рече шефот на шведската дипломатија на крајот.