Почетната станица, онаа од која „авантуристите“ се движеле во сафари ловот на луѓе, била Белград.     Фото: ФЕНА

Филмот „Сараево сафари“ на режисерот и сценарист Миран Жупаниќ е приказна за богатите странци кои платиле за можноста да пукаат во цивили во опколениот град од позициите на Војската на Република Српска.

Кој и да помислил дека сѐ е кажано за четиригодишната опсада на Сараево, дека повеќе нема тајни за агресијата врз Босна и Херцеговина, ќе биде изненаден од откривањето нови факти и детали.

Филмот „Сараево сафари“ на словенечкиот режисер и сценарист Миран Жупаниќ е една таква приказна, шокантна, неверојатна, а во исто време, мрачна и песимистичка.

Вистините за опсадата на Сараево, кои се претставени во овој искрен и брутален документарен филм, кој ќе биде прикажан на овогодишниот АЏБДОК (AJBDOC), ги поместуваат границите на она што е подносливо во разбирањето на војната.

„Сараево сафари“ е филм кој зборува за малку познатиот феномен „лов на луѓе“, всушност, поточно и попрецизно, за богатите странци кои дошле на позициите на Војската на Република Српска во околината на Сараево и оттаму пукале низ градот, убивајќи цивили.

„Почетната точка, онаа од која „авантуристите“ тргнаа во сафарито „лов на луѓе“, беше Белград“, вели Миран Жупаниќ во интервју за „Ал Џезира Балканс“ (AJB), и продолжува:

„Белград во тоа време имаше нормални воздушни врски со странство, а потоа имаше специјален логистички аранжман. Еден извор вели дека со хеликоптер на Војската на Југославија биле превезени од Белград во Пале, а според друг, тие биле транспортирани по пат. Повисоките по ранг, помоќните и побогатите веројатно имале поудобни услови за патување во Сараево.“

АЏБ: Што е „Сараевско сафари“?

ЖУПАНИЌ: „Сараевското сафари“ беше специфичен, на нормалниот ум незамислив вид на лов, лов на луѓе. За време на опсадата на Сараево, на богатите странци, кои платиле одредена сума, им било дозволено да пукаат во луѓето во слободниот дел на градот од српските позиции. Жртвите биле цивили, кои во тој момент се нашле под снајпер на тие сурови странци.

АЏБ: Според вашите сознанија, колку луѓе учествувале во таа „игра“ на убивање?

ЖУПАНИЌ: Тој феномен, беше и сѐ уште останува обвиткан со превезот на тајни. Го тргнавме тој превез максимално и не можам да ви дадам конкретен одговор овде, бидејќи не го знам. Сепак, во секој случај, потребен беше цел синџир на оние кои ги нудеа овие ловечки аранжмани, оние кои одеа на „сафари“ и оние кои се грижеа за логистика и организација на терен.

АЏБ: Кога првпат се сретнавте со овој феномен?

ЖУПАНИЌ: За „сафарито“ прв ми кажа мојот продуцент Франси Зајц во февруари 2019 година, а таа приказна за мене беше апсолутно шокантна. Со Франси и снимателот Божо Задравац веќе на почетокот на 1993 година снимавме во Босна и Херцеговина. „Очите на Босна“ беше првиот и, мислам, единствениот словенечки документарен филм снимен на тлото на Босна и Херцеговина за време на војната. Потоа тие беа во Сараево на крајот на ’93 и почетокот на ’94 година и снимија уште повеќе материјал. Освен ранувањето на Фарук Шабановиќ, сите архивски снимки во филмот „Сараево сафари“ се снимени од нашата екипа. Всушност, Франси е најзаслужен за тој филм, бидејќи со години барал и потоа наоѓал луѓе кои биле подготвени да зборуваат за „сафарито“ пред камера. За жал, имаше и такви кои прво се согласија на снимање, но потоа се предомислија. Стравот е сè уште присутен, и по речиси 30 години.

АЏБ: Колку беа вклучени властите во Пале во организирањето на „Сараевското сафари“?

ЖУПАНИЌ: Според сведочењата, во организацијата на „сафарито“ учествувале и некои припадници на Армијата на РС и на Војската на Југославија. Кој конкретно и на кое ниво на командување, или можеби дури и политичко одлучување, не знам. Немам информации за улогата на властите во Пале. Овде морам да истакнам дека намерата не ни беше да идентификуваме конкретни луѓе, бидејќи, со оглед на деликатноста на темата, тие информации не ни беа ни достапни. Колку што знам, нашиот филм е првиот што ја откри оваа страшна приказна пред јавноста. Ако некој има програмски интерес и ресурси за производство, слободно може да продолжи да бара, но морам веднаш да напоменам дека собирањето автентичен и веродостоен материјал е исклучително тешко.

АЏБ: Кои беа учесниците на „сафарито“, од кои делови на светот, кои националности?

ЖУПАНИЌ: Еден извор ги спомнува Американците, Канаѓаните и Русите, а друг, Италијанците. Во секој случај, тоа беа доволно моќни и доволно богати луѓе со многу специфичен психолошки профил.

АЏБ: Имаше ли меѓу нив луѓе од поранешна Југославија?

ЖУПАНИЌ: Никој не ја потврди таа информација.

АЏБ: Дали Белград беше собирен центар за транспорт на странски авантуристи на бојното поле во Сараево?

ЖУПАНИЌ: Белград тогаш имаше нормални воздушни врски со странство, а потоа имаше посебен логистички аранжман. Еден извор вели дека со хеликоптер на ЈНА биле носени од Белград во Пале, а според друг, тие биле транспортирани преку патиштата. Повисоки по ранг, помоќни и побогати, веројатно имале поудобни услови за патување во Сараево. Сведочењето на српски волонтер од Парачин открива дека тие биле облечени во ловечка опрема.

АЏБ: Каков беше профилот на луѓето кои доаѓаа да убиваат граѓани на Сараево - богати, политички влијателни, психопати, авантуристи?

ЖУПАНИЌ: Нашиот филм поставува повеќе прашања отколку што дава одговори. Сосема е сигурно дека во таа лабораторија на злото што ја нарекуваме Земјина топка има посебен вид луѓе кои се спремни да го застрелаат секого што ќе наиде на нивниот нишан без никаква надворешна причина: дете, мајка, кој било анонимен маж или жена. Кои внатрешни нагони ги наведуваат на тоа? Какво задоволство им нуди? Каква моќ имаат некој тоа да им го организира? Од каде доаѓаат и каде се враќаат? Има безброј прашања на кои немам одговори. Но, тоа не е сѐ: странските разузнавачки служби го следеле овој феномен и се чини дека никој од меѓународната заедница не интервенирал да го спречи ова „сафари“. Зошто не? Тоа за мене е најзначајното прашање.

АЏБ: Дали го плаќаа сето тоа и дали имате информации колку чинеше, која беше тарифата за учество во „сафарито“ во кое имаа можност да убиваат луѓе како дивеч?

ЖУПАНИЌ: Да, странците плаќале големи суми, но никој не можеше да ми каже колку е тоа конкретно. Еден сведок тврдеше дека тарифите биле повисоки ако погоделе дете. Истиот сведок, кој и самиот неколкупати бил присутен на ловот на човечки глави, вели дека најголем дел од истрелите биле од областа Грбавица. Да кажам уште нешто. Снимав многу филмови во мојата кариера, но ниту еден не беше толку мрачен како овој. Толку црн и толку песимистичен. Но, од друга страна, ми изгледа исклучително важно сите што ја имаме оваа можност - да шириме знаење за феноменологијата на злото што е во човечкото битие. Да знаеме да се спротивставиме на тоа зло. Но не со сопственото зло, туку со индивидуалното и заедничкото добро.

TRT Balkan / агенции
Популарни