Oсум повредени лица се надвор од животна опасност / Photo: AA

Силното невреме што вчера ги зафати Загреб и неговата околина однесе три животи.Две лица загинаа во Загреб, а едно во Нова Градишка.

Директорот на Дирекцијата за цивилна заштита, Дамир Трут, за хрватските медиуми потврди дека едно лице загинало во Черник кај Нова Градишка кога дрво паднало врз комбето во кое се наоѓало.

Дожд и грмежи проследени со екстремно силен ветер, кои накратко го зафатија Загреб околу 16 часот, однесоа два живота, а по Загреб невремето ја зафати и Славонија.

„Според информациите од итната медицинска помош, две лица загинаа во невремето во Загреб“, известија од Дирекцијата за цивилна заштита на Хрватска.

Хрватските медиуми пренесуваат дека двајца мажи загинале во невремето од повреди предизвикани при пад на дрвото. Загрепскиот институт за итна медицинска помош информираше дека осум повредени лица се надвор од животна опасност.

Сообраќајот во Загреб сѐ уште не е нормализиран. Трамвајските линии не сообраќаат во поголем дел од градот, на улиците има сообраќаен метеж, а голем број пожарникари се на терен за да ги санираат штетите предизвикани од невремето. Покрај поплавените патишта, дрвја паднаа на улиците и трамвајските линии, а оштетени се и голем број објекти во поширокото подрачје на градот.

AA
Популарни