Според последните информации, пронајдени се телата на најмалку 14 лица по денешното уривање на дел од зградата на железничката станица во Нови Сад, Србија, јавува Анадолу.
Информацијата ја потврдија од Вишото јавно обвинителство во Нови Сад.
„Вишото јавно обвинителство во Нови Сад ја информира јавноста дека во досегашниот увид од урнатините се извлечени 14 тела на починати, од кои идентификувани се две женски лица - А.Р.(2004) и А.Ќ.С. (1989), и пет машки лица - Х.С. (1997), М.М (2003), Ш.Џ (1947), Р.В (1955) и С.В (1979)“, се наведува во соопштението.
Поради здобиени повреди, во Клиничкиот центар во Војводина се примени три лица чиј идентитет сѐ уште не е утврден, а се работи за две женски и едно машко лице.
Од Обвинителството наведуваат дека ги преземаат сите мерки и дејствија согласно законот, за утврдување на постоење елементи на кривично дело и одговорност, за што јавноста ќе биде навремено информирана.
Денес околу пладне во Нови Сад се случи несреќа кога се урна настрешницата на влезот во објектот на железничката станица.