Во присуство на високи делегации од Босна и Херцеговина и Северна Македонија, на ридот Матиќ кај селото Ротимље во близина на Мостар беше одбележана 20-годишнината од загинувањето на македонскиот претседател Борис Трајковски.
Во име на Советот на министри на Босна и Херцеговина, на оддавањето почест на местото на падот на авионот во кој се наоѓаше македонскиот претседател Трајковски и неговата делегација присуствуваа заменик-министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ивица Бошњак, а делегацијата на Владата и Собранието на Република Северна Македонија ја предводеа министерките Бисера Костадиновска-Стојчевска, Каја Шукова и пратеничката Санела Шкријељ.
Бошњак истакна дека и по 20 години од овој трагичен настан со голема почит се сеќаваат на нивниот голем пријател и жалат што го загубиле овој искрен поборник за подобар, стабилен и просперитетен регион, соопшти Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина.
„Прераното заминување на претседателот Трајковски е голема загуба не само за Македонија и Босна и Херцеговина, туку и за целиот регион. Босна и Херцеговина не ги заборава и нема да ги заборави своите пријатели, како што беше претседателот Трајковски“, нагласи Бошњак.
Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека Трајковски беше доблесен и храбар политичар, претседател со визија за иднината на државата.
„Ова место е потсетник за сите генерации дека Македонија имала и има доблесни и решителни луѓе кои следејќи ја својата визија, својот сон, имаа храброст да гледаат во иднината – потенцираше министерката за култура, додавајќи дека денес нашата земја е членка на НАТО и на дофат и е членството во ЕУ.
Македонскиот претседател Борис Трајковски заедно со неговите соработници и членови на екипажот трагично загина во авионска несреќа при пристигнувањето на Меѓународната инвестициска конференција во Мостар во 2004 година.
Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.