Бугарија: Собраниети го отфрли предлогот за влада на Габровски          Фото: МИА

Парламентот на Бугарија денеска ја отфрли технократската влада на Николај Габровски ,предложена од партијата на десниот центар ГЕРБ. Со ова се продлабочи политичката криза во земјата каде поизвесно е дека би имало нови предвремени избори.

„Имавме единствена шанса да продолжиме на поинаков начин во бугарската политика“, изјави Николај Габровски откако не доби поддршка од бугарските пратеници да биде премиер.

Кандидатот за премиер на ГЕРБ, Николај Габровски, 51-годишен, непартиски неврохирург, не успеа да ја добие потребната поддршка при гласањето во парламентот, добивајќи само 113 гласа во 240-члениот парламент. Мнозинството во пленарната сала ја отфрли неговата номинација за премиер со 125 гласа „против“.

„Тоа беше граѓанска иницијатива, храброст што сите ја покажавме, како луѓе и како професионалци, ги заложивме нашите имиња во формирањето на кабинет кој дава надеж, можеби, да започнеме нов пат“, посочи тој.

Според него, партиските интереси биле пресилни и затоа е добиен тој резултат при гласањето. И покрај се, тој е задоволен од она што се случи и ни за момент не жали за вложените напори.

„Се помалку сум оптимист за тоа што и претстои на Бугарија. Ако се одигра песимистичкото сценарио, ќе поминеме една година од избори до избори. Очигледно не се случуваат сите чуда околу Божиќ“, заврши тој.

ГЕРБ победи на предвремените избори на 2 октомври, четврти во последните 18 месеци, но досега не успеа да обезбеди мнозинска поддршка за влада што ќе ја предводи Габровски.

Неуспехот да се формира редовна влада ќе влијае врз плановите на Бугарија да се приклучи на еврозоната во 2024 година, што ќе донесе милијарди евра во фондовите за обновување на ЕУ.

TRT Balkan / агенции
Популарни