Честитка од Сиљановска-Давкова до Бајден за Денот на независноста на САД

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во честитка до претседателот на САД, Џо Бајден, по повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, во име на македонските граѓани и во лично име упати желби за просперитет и за сестран развој на САД и, како што напиша, „за благосостојба на пријателскиот американски народ“.

„Овој 4 Јули, американските граѓани ја прославуваат 248-годишнината од усвојувањето на Декларацијата за независност и ги слават принципите на слобода и на еднаквост, коишто се вградени во овој документ, што претставува инспирација за многу народи во светот. Стремежот на татковците на американската нација да формираат влада, којашто го застапува и ја црпи својата моќ од народот, е подеднакво валиден до денешен ден и за многу други народи и концепти на управување, вклучувајќи го и македонскиот. Споделувајќи и негувајќи ги овие вредности, ние сме горди на традиционалното пријателство со американскиот народ и сме посветени на неговото натамошно зацврстување, како и на унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес“, пишува во честитката на Сиљанвска-Давкова.

Како стабилен партнер и докажан сојузник на Соединетите Американски Држави во НАТО Алијансата, додава претседателката, „остануваме фокусирани на заедничките определби за безбедност, слобода и демократски просперитет со учество во заедничките активности во борбата против заканите врз стабилноста и мирот во Европа и во светот“.

Таа се заблагодарува и за поддршката од страна на Соединетите Американски Држави во спроведувањето на нашите реформски процеси, нагласувајќи дека „ќе продолжиме посветено да работиме на нивната реализација“.

TRT Balkan / агенции
Популарни