Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ) на Министерството за финансии на САД додаде уште десет лица и компании од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Северна Македонија на „црната“ листа на санкционирани лица од Западен Балкан за корупција и злонамерни активности.
На листата се Саво Цвијетиновиќ, Петар Ѓокиќ и Душко Перовиќ од БиХ, Миодраг Давидовиќ и Бранислав Миќуновиќ од Црна Гора, Ненад Поповиќ и Миша Вациќ од Србија и Ратка Куноска Камчева, мајка на бизнисменот Јордан Камчев, руско-македонскиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина Самсоненко од Северна Македонија.
„Русија продолжи да го користи своето влијание на Западен Балкан за да ја спречи интеграцијата на регионот во меѓународните институции и организации, како и да ги користи клучните јурисдикции за да ги олесни нејзините агресивни дестабилизирачки активности“, рече потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање на Министерството за финансии Брајан Е. Нелсон.
Тој рече дека денешниот потег ги потврдува пошироките напори на Владата на САД за промовирање на мирот, стабилноста и функционалното демократско владеење во регионот на Западен Балкан.
Портпаролот Метју Милер рече дека Стејт департментот назначил двајца поединци и 12 ентитети од Западен Балкан поврзани со малигното влијание на Русија во регионот и со корупцијата што го овозможува тоа.
„Одделот го обвини Миша Вациќ, српски политичар, за учество на нелегитимните референдуми за анексија организирани од Кремљ на териториите на Украина окупирани од Русија во септември 2022 година. Поповиќ одржува блиски врски со Кремљ и ја користи својата мрежа за коруптивни шеми за да изгради лично богатство“, рече Милер.
Во исто време, рече Милер, Министерството за финансии наметнува санкции за осум поединци и шест ентитети во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија кои директно го олеснуваат руското влијание или чии коруптивни активности имаат корист од руското влијание.
„Овие поединци и ентитети, исто така, ги попречуваат клучните реформи и напредокот кон пристапувањето во ЕУ. Со овие назначувања, американската влада има за цел да го промени однесувањето на инволвираните и да се бори против локалната корупција, организираниот криминал и недозволениот бизнис и шверцот на влијание што го зајакнува злонамерното влијание на Русија,“ изјави тој.
Санкционираниот Петар Ѓокиќ е министер за енергетика и рударство на Република Српска (РС) и долгогодишен претседател на Социјалистичката партија. На почетокот на ноември во Белград, по повод одбележувањето на рускиот празник Денот на националното единство, му беше врачена награда за неговите заслуги „во зајакнувањето на пријателството меѓу РС и Русија“.
Душко Перовиќ е шеф на Претставништвото на РС во Москва.
Саво Цвијетиновиќ, познат и по прекарот „Тигар“, е бизнисмен од Бјелина. Тој е основач и директор на компанијата „Инженеринг-БН“, која исто така се најде на листата на санкции. Тој е и на чело на српско-руската заедница „Завет“. За време на војната во Босна и Херцеговина, тој беше началник на специјалните единици на полицијата на РС.
На црната листа се наведени и компаниите Систина лајф креар, за која Ирина Самсоненко е заведена како сопственик, потоа Бет сити каде сопственици се Сергеј Самсоненко и Орце Камчев. Следуваат и Орка холдинг поврзана со Орце Камчев, како и фирмите на Ратка Камчева, Орка фајнанс“ и Камчев консалтинг“.
Американското министерство ги споменува и случаите на купопродажба на земја и фирми, како и трансакциите на реалцијата Самсоненко- Камчев.
Според одлуката донесена во Вашингтон, имотот и контактите на лицата од црната листа во САД се блокирани, а на лицата од САД им се забрануваат трансакции со овие лица или со нивен имот.