Ден на државноста на БиХ: Бечировиќ и Комшиќ положија цвеќе во Сараево / Photo: AA

Членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Денис Бечировиќ и Жељко Комшиќ по повод 25 ноември, Денот на државноста на Босна и Херцеговина, положија цвеќе на спомен-обележјето „Вечен оган“ во Сараево.

Програмата почна со интонирањето на државната химна на Босна и Херцеговина и оддавањето на почит на оние кои ги дадоа животите за оваа земја. Со Бечировиќ и Комшиќ цвеќе кај „Вечниот оган“ помеѓу останатите положија и заменик претседавачот на Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина Бакир Изетбеговиќ, министерот за одбрана Сифет Поџиќ, претставници на останатите нивоа на властите, делегацијата на Сојузот на антифашистите и борците од народноослободителната војна (САБНОР) и претставници на боречките организации.

Бечировиќ и Комшиќ претходно денес присуствуваа на церемонијата на подигнување на знамето на Босна и Херцеговина на ридот Хум, а ќе положат и цвеќе на Гробиштата Ковачи и гробот на првиот претседател на Босна и Херцеговина Алија Изетбеговиќ, Спомен-обележјето на децата на окупирано Сараево 1992-1995 година и во Спомен-паркот Враца.

Босна и Херцеговина денес го слави Денот на државноста, датумот кога пред 79 години е одржано Првото заседание на Земскиот антифашистички совет на народното ослободување на Босна и Херцеговина (ЗАВНОБИХ) во Мркоњиќ Град на кој се донесени одлуки за обнова на државноста на Босна и Херцеговина.

TRT Balkan / агенции
Популарни